Очекуваниот животен век во светот повторно се врати на нивото од пред пандемијата, според глобалните здравствени истражувања, но стапките на смртност кај тинејџерите и младите возрасни се сè поголема причина за загриженост.
Најновиот извештај Глобално истражување за оптовареноста со болести, повреди и ризик-фактори ги содржи најновите процени за вкупната смртност и очекуваниот животен век во периодот од 1950 до 2023 година. Истражувањето ги комбинира податоците од повеќе од 24.000 извори, вклучувајќи пописи и анкети, и ги опфаќа и кризите како што беше ковид-пандемијата.
Бројот на смртни случаи во овој временски период пораснал за 35 отсто поради растот на населението и стареењето, но стапката на смртност, стандардизирана според возраста, се намалила за 66,6 отсто, што покажува дека луѓето денес живеат значително подолго. Очекуваниот животен век на глобално ниво драстично се зголемил од 1950 до 2019 година: кај жените од 51,2 на 76,3 години, а кај мажите од 47,9 на 71,4 години.
Ковид-пандемијата предизвика привремен пад на животниот век - кај жените се намали на 74,7 години, а кај мажите на 69,3 години. Но меѓу 2022 и 2023 година, животниот век повторно се врати на нивото од пред пандемијата, достигнувајќи 76,3 години за жените и 71,5 години за мажите. Според извештајот, 95 отсто од земјите покажале делумно закрепнување, а 62 отсто целосно закрепнале или дури ги надминале бројките од 2019 година.
И покрај овие позитивни резултати, истражувањето откри дека смртноста кај младите и младите возрасни лица во светот е во пораст во периодот меѓу 2011 и 2023 година. Во Северна Америка стапките на смртност пораснале за 11,5 отсто кај децата на возраст од 5 до 14 години, за 31,7 отсто кај младите од 25 до 29 години, а речиси за 50 отсто кај групата од 30 до 39 години. Во Источна Европа, најголем пораст на смртност е забележан кај младите од 15 до 19 години со зголемување од 53,9 отсто, додека кај оние од 20 до 24 години растот изнесува 40,1 отсто.
Истражувачите сметаат дека овој тренд се должи на порастот на зависностите и психолошките проблеми кај младите. Тие укажуваат на таканаречените „смртни случаи од очај“, односно случаи на предозирања со дрога, компликации од алкохол и самоубиства кои се поттикнати од економски, социјални и психолошки фактори.
Авторите на истражувањето предупредуваат дека глобалните здравствени политики мора да се приспособат за да одговорат на оваа нова реалност. Тие нагласуваат дека креаторите на политики треба да се насочат кон подобрување на пристапот до здравствена грижа и решавање на социјалните фактори што влијаат врз здравјето, особено кај овие возрасни групи.
Според нив, резултатите од ова истражување ќе помогнат во развојот и оцената на здравствените политики, за здравствените системи, економиите и општествата подобро да се подготват за справување со најважните здравствени предизвици на светско ниво.
Извор:
Foxnews.com
Фото: Freepik