X
 18.11.2025 Живот

Најдолгото патување со воз во светот трае 8 дена, а крајната дестинација е застрашувачка

Патување што трае цели осум дена, минува повеќе од 10.000 километри и завршува во една од најзатворените земји во светот. Ваков е новиот светски рекорд во категоријата најдолгo директнo патување со патнички воз.

Од јуни 2025 година руските и севернокорејските железници повторно ја поврзуваат Москва со Пјонгјанг со посебен вагон што се „прикачува“ на Транссибирската магистрала, а потоа продолжува кон Северна Кореја.

Според Гинисовата книга на рекорди, патувањето долго 10.214 километри ја надминува дури и легендарната Транссибирска линија од Москва до Владивосток (9.288 километри), која сама по себе е најдолгата пруга во светот. Патниците не го менуваат возот, туку нивниот севернокорејски вагон едноставно се одвојува во Владивосток и се приклучува на друг состав што продолжува кон границата.

Оние најхрабрите што се одлучиле на оваа авантура, меѓу нив и група што патувала во 2018 година, ги опишуваат условите како „спартански, но подносливи“.


- Во нашето купе беше студено. Немаше греење, беше можеби 10 степени. Греењето се вклучува дури по неколку часа. Секој вагон има печка на јаглен, но во нашиот севернокорејски немаше јаглен. За среќа, имавме топла облека. Бојлерот, за среќа, работеше, па можевме да приготвиме чај и кафе. Струјата е ограничена, интернет нема, а мобилниот сигнал исчезнува уште при влезот во рускиот далечен исток - се сеќаваат патниците.


Линијата беше прекината во 2020 година поради ковид-пандемијата, кога Северна Кореја ги затвори сите граници. Но, од 2024 година односите со Русија станаа сè поинтензивни.

Според извештаите на западните разузнавачки служби, Пјонгјанг испратил илјадници војници да се борат во Украина, во замена за технологија, оружје и, меѓу другото, обновување на железничката врска.

Пристигнувањето во Пјонгјанг значи влез во свет на строга контрола. Странските посетители се следат 24 часа на ден, а секој контакт со локалното население е строго ограничен.

Според податоците на Обединетите нации, повеќе од 40 отсто од 26 милиони жители на Северна Кореја се потхранети, додека елитата и војската имаат приоритет во снабдувањето. Илјадници луѓе се затворени во политички логори поради „злосторства“ како гледање јужнокорејска серија, обид за бегство или практикување религија.


И покрај рекордот, ова не е патување за просечен турист. Цената на картата се движи од 1.500 до 2.500 евра (во зависност од сезоната и класата), а виза за Северна Кореја и понатаму е речиси невозможно да се добие без официјална покана.

Повеќето патници се дипломати, новинари или авантуристи подготвени на осум дена без туш, интернет и слобода на движење.

Извор: Vecernji.hr 
Фото: Mirror.co.uk
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот