X
 19.02.2026 Живот

Европскиот парламент забрани да се користат ВИ-алатки на службените уреди

Европскиот парламент донесе одлука за деактивирање на вградените функции на вештачката интелигенција на службените лаптопи, таблети и паметни телефони кои ги користат европратениците и нивните соработници. Одлуката е донесена откако ИТ-одделот на Парламентот заклучил дека не може целосно да гарантира каде се испраќаат и каде завршуваат податоците што се обработуваат преку ВИ-алатките.

Ограничени функции


Главната причина за загриженост е тоа што многу ВИ-функции, како автоматско резимирање на е-пошта или помош при пишување документи, користат обработка во облак, а на самиот уред. Тоа подразбира пренос на чувствителни информации на надворешни сервери, често во сопственост на компании надвор од Европската Унија, што отвора простор за потенцијални повреди на приватноста и сајбер-напади.

Ограничувањата се однесуваат главно на вградените „асистенти“ за пишување и анализа на веб-страници, додека основните апликации, како календар или уредувач на текст, остануваат функционални. Службата за техничка поддршка нагласила дека мерката е привремена додека не се оцени целосниот обем на споделување податоци со самите апликации. 

Дополнителна претпазливост

Покрај ограничувањата на службената опрема, се советуваат пратениците да бидат дополнително претпазливи при користење приватни уреди за службени цели. Насоките на ИТ-одделот се да се избегнува изложување на работни документи и интерна кореспонденција на ВИ-алатки кои ја скенираат содржината. Исто така, препорачано е строго ограничување на дозволите за надворешни апликации за да се спречи неовластен пристап до доверливи информации.

Поширока стратегија за заштита

Овој потег ја рефлектира зголемената претпазливост во европските институции кон зависноста од странски технолошки платформи, особено од САД. Европската комисија, на пример, во 2023 година го забрани користењето на апликацијата „Тик-ток“ на службените уреди, додека сега дел од пратениците притискаат да се оди чекор понатаму, па некои активно застапуваат премин од „Мајкрософт“ и други американски софтвери кон европски алтернативи.

Извор: Bug.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот