X
 24.08.2026 Живот

Тони Манев истрча 400 километри на Алпите: „Од Алпите не носам само медал или резултат, носам едно животно искуство“

Чувството да си дел од ваква трка тешко може да се опише, огромно задоволство е што сум успеал да завршам една од најтешките трки, каде што речиси половина не успеале, споделува Тони Манев

Ултрамаратонецот Тони Манев успеа да истрча 400 километри низ швајцарските Алпи. Со околу 25.000 метри висинска разлика и повеќе од шест дена на трасата, финишира на Кросинг Швајцарија 400к во Монтре. Овој предизвик Манев го заврши за 162 часа, 20 минути и 24 секунди, додека временскиот лимит е 176 часа.

- За мене, ваквите трки не се само спортски натпревар, туку можност да ги поместам сопствените граници, да ги тестирам издржливоста, дисциплината и почитта кон планините. Кросинг Швајцарија 400к е трка која ја следев одамна и знам дека е една од најтешките и токму тоа беше предизвикот. Немав очекувања за време или висок пласман, едноставно се фокусирав да носам добри одлуки, да бидам смирен и да стигнам на целта. На вакви дистанци успеваат трпеливоста и почитта кон планината, а не оној што тргнува најбрзо - вели Манев.



Менталната сила ве носи кон целта


Тој сподели дека по трката си дава недела или две краток одмор, а потоа повторно се враќа на патеката за трчање.

- Чувството да си дел од ваква трка тешко може да се опише, огромно задоволство е што сум успеал да завршам една од најтешките трки, каде што речиси половина не успеале. Огромна благодарност до сите што ме следеа и поддржуваа. Од Алпите не носам само медал или резултат, носам едно животно искуство, нови пријателства и потврда дека човек може многу повеќе кога е одлучен и упорен. Закрепнувањето е процес, се чувствувам одлично, но телото бара одмор, не брзам да се вратам на тренинг, недела две ќе си дадам одмор - вели Тони.



Неговите подготовки за Кросинг Швајцарија 400к траеле со месеци.

- Целата подготовка беше многу повеќе од билдање километри, имав долги тренинзи на планина, но работев и на сила, на зајакнување на мускулите, особено на колената, а најважниот дел беше менталната подготовка. Ваквите трки бараат физичка спремност, но менталната е поважна, таа ве носи кон целта. Јас научив да бидам смирен и трпеливо да носам одлуки и кога ми е било најтешко. Кризни моменти се неизбежен дел од ултрамаратоните. Но тоа е привремено, не размислувам уште колку километри имам,
размислувам за што сум дојден тука, дека ќе стигнам до следната контролна точка и со нови сили ќе продолжам. И секогаш си повторувам дека вложив месеци во тренинг-процесот и дека еден кризен момент не може да ме исфрли од игра - споделува Тони.



Секоја трка ме направи подобар спортист, но и подобар човек

Тој зад себе има многу ултрамаратони и екстремни планински предизвици. На почетокот трчал со желба да се истакне, денес трча со многу трпение и почит кон планината.

- Со текот на годините и искуството што го стекнав сфатив дека до успехот не се доаѓа само со физичка сила, туку со носење паметни одлуки. Секоја трка ме направи подобар спортист, но и подобар човек. Ме научи на дисциплина, смиреност, но и почит кон сопствените граници. Најголема лекција е дека границите се само во нашите глави, телото може многу повеќе доколку останеме присебни и фокусирани. Ултрамаратоните ме научија дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку е резултат на илјадници чекори, дисциплина и одрекување од други задоволства. Тоа е лекција што не важи само за спортот, туку и во животот - подвлекува нашиот соговорник.



Македонија нема голема традиција во вакви екстремни ултратреил дисциплини, а тој сепак успева да биде дел од најтешките светски трки.

- Македонија е мала земја, но има луѓе со големо срце, талент и посветеност. Мене ме мотивира желбата дека можам да бидам некој што прв успеал во нештото. Да покажам дека со работа и дисциплина и Македонија може да биде до светската елита. Ако мојата приказна инспирира барем еден млад човек да тргне по својот сон, тоа ќе биде мојата победа, а јас сум секогаш тука да споделам и да помогнам со совет за кого било, да ја доближиме Македонија кон светските настани - изјавува Манев.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Живот