X
 19.04.2021 Наша тема

До кога ќе ни бегаат надарените и талентирани деца? Ќе ги препознае ли државата?

Случајот со малиот математичар од Штип кој беше одбиен за награда зашто како основец на натпревар победи средношколци уште еднаш алармира кај општествените структури дека треба да имаат контакт со талентирани деца, да размислуваат како од македонските таленти да создадат државна гордост

Национална стратегија, летни кампови и концепт за препознавање таленти се само дел од идеите како државата да состави принципи за откривање, поддршка за градење талентирани деца од мали нозе. Најважно е нивното препознавање во различни области, а потоа и процесот на нивен развој. Ако тоа е структурално поставено на ниво на национална државна програма, ќе овозможи голем развој и во образованието, културата, уметноста, спортот и науката.
Случајот со малиот математичар од Штип кој беше одбиен за награда зашто како основец на натпревар победил средношколци уште еднаш алармира кај општествените структури дека треба да имаат контакт со талентирани деца, да размислуваат како од македонските таленти да создадат државна гордост.

Кој е начинот овие деца да се задржат во земјава?


Како институциите се грижат за препознавањето и развојот на надарените и талентирани деца во нашата земја? Прашавме професори и експерти како државата да ги поддржи овие деца за во иднина да не се соочуваат со бариери низ општеството.
Балетот и музиката се веројатно единствената гранка задржана од минатиот систем преку која државата институционално го решила развојот на талентираните деца во оваа област.
Во останатите области се кубури прво со технички средства, па потоа и со кадар.

Талентот треба да се открие, но и да се инвестира во него


Светлана Димитриевска, професор по пијано во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, вели дека работата со талентирани деца е најголемото задоволство, но истовремено е и голема одговорност.

- Талентираните деца побрзо учат. Заинтересирани се и често пати имаат многу интересни прашања. Но, сепак, има деца кои се талентирани, а поинтровертни. Во оваа професија голема улога имаат јавните настапи. Тоа е еден комплексен чин и тематика. Тука спаѓаат концерти, натпревари и секаков вид сценски настап. За секој настап потребна е студиозна подготовка, да се потрудиме настапот да биде успешен и мотвирачки за талентираното дете. Талентите побргу ги совладуваат композициите, публиката ги забележува, а и комисијата на натпреварите - објаснува таа.

Разочарана е од неодамнешната случка со осмоодделенецот кој победи на натпревар по математика наменет за повозрасни од него и ја оценува како момент на неумеење на државата да се справи со ситуации кои само талентирано дете може да ги создаде.



- Крајно демотивирачки е сето тоа што се случи со детето. Замислете, уште да носи чувство на вина затоа што било најдобро меѓу поголемите - посочува Димитриевска.

Вели дека на натпреварите по клавир секој натпреварувач може да се натпреварува, освен во својата, и во повисоката категорија.

- Во таков случај комисијата со зголемено внимание го следи настапот на децата што се натпреваруваат во повисоката категорија, која пак бара поголема и потешка програма и времетраење. Тоа е предизвик. Тоа е умеење, талентот да се пронајде и да се инвестира во него -посочува професорката.

Според неа, државата и образовните институции треба да покажат интерес за талентираните деца. Треба да има и посебни комисии кои би го следеле развојот на овие деца.

- Државата треба да размисли за стратегија за талентирани деца, а таква не постои во моментов. Треба да се следи развојот на тие деца, да се обезбедат ментори за нивниот напредок, средства и услови, да се инвестира во нивното учество на натпревари, да бидат пофалени, наградени според заслугата, да земаат стипендии, да се инвестира во нивното образование. И откако ќе заврши образовниот процес, да имаат соодветна почетна работна позиција. Нивниот труд и посветеност, што честопати се граничи со жртвување (трпат слободното време и социјалниот живот) треба да бидат соодветно наградени. Со ваков третман и внимание верувам дека одливот на таленти значително ќе се намали. И државата би имала бенефит, се разбира, доколку го уважува мислењето на кадрите добиени на овој начин - објаснува професорката.

Таа додава дека талентот е дарба, но и товар што се носи.
- Тие деца се вложуваат. Затоа треба да знаеме да ги откриеме, да ги негуваме и да им помагаме во нивниот развој и на крајот, да научиме нешто од нив. Со такви деца растеме и ние како луѓе, како професионалци, се надградуваме - заклучува Димитриевска.

Институционална грижа за големото добро

Елена Антонова-Петровиќ, професор по предметите што третираат практични и теоретски теми од областа на модерниот танц и сродните танцови стилови во Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, вели дека со години наназад водат логистика за да го препознаат талентот на одредено дете и да го задржат во текот на долгогодишниот образовен процес.
Смета дека јавните часови, концертите, разните фестивали од натпреварувачки и едукативен карактер, размената на искуства, учествата во редовниот репертоар на НОБ, соработките со факултетите кај нас и регионот, работилниците со еминентните имиња од државата и надвор од неа вродуваат со плод кај сите нивни ученици, а со тоа во текот на развојот ќе се појават разлики при стремежот за постигнување повисоки квалитети.

- Натпреварувачкиот дух треба да постои и да се негува. Конкуренцијата е здрава за напредокот, а доколку прејде во нешто друго кое негативно влијае врз напредокот на групата и индивидуалецот во неа, балетскиот педагог е должен да го препознае и преку одредени педагошки механизми да го санира. За среќа, малку се тие што поседуваат голем потенцијал, а се откажуваат - вели Антонова-Петровиќ.

Сепак, смета дека танцовата уметност воопшто не е лесна професија, дека процесот на едукација е долгогодишен и макотрпен, но дека може да се потрудиме барем малку да ги подобриме условите за учење.

- Потребни се работилници, кампови, размени, како и финансиска помош за нивна реализација. Танцови сцени, компании, вработувања, тие ја даваат сигурноста за опстанокот во иднина. Да ги оставиме златните медали за тие што навистина ги заслужуваат и да дадеме поддршка за секој аспект од нив. Оттаму доаѓа напредокот. Последниве години се наметнаа натпреварите како единствен доказ за работата, квалитетот и напредокот. Имам чувство дека се доби спротивното, квантитет. Се трошат големи финансиски средства, а не завршуваат онаму каде што се најпотребни - вели професорката.

Според неа, државата треба да ја постигне, односно врати довербата, исто како наставникот што треба да ја постигне со ученикот. Ако постигнатата доверба помеѓу ученик и наставник е од круцијално значење за процесот што ќе следува, тогаш повеќе од јасно е дека во една општа смисла треба да се согледа какви суштински потреби има образованието.

- Отворено да се пристапи кон сите позитивни и негативни страни, да претрпи стручен увид, програмско ревидирање и да се постави автентичен темел врз кој ќе се изгради структура по која ќе се трасира квалитетен воспитно-образовен тек со сите потреби од сите аспекти за успешна реализација на тој процес. Секако, сеопфатно, сите гранки што генерираат во образованието ќе го добијат својот заслужен простор и конечно ќе постигнеме научен дострел со висококвалитетен кадар. По еден природен тек на институционалната грижа за големото добро на сите инволвирани во образованието, ова е едно од сценаријата што би сакала да ги видам, суштински богато со квалитети кои задоволуваат и рефлектираат здрава и сигурна општествена заедница. Малку повеќе е потребно од стратегија! - заклучува професорката.

Математичарите имаат предлог за стручни реформи

Од Сојузот на математичари на Македонија велат дека лесно ги откриваат талентите преку системот на натпревари, односно дека основна цел на натпреварите по математика е да ги поттикнуваат учениците кон проширување и продлабочување на математичките знаења, како и да ги откриваат талентираните и надарените ученици за математика. Оттаму велат дека од натпреварите по математика досега произлегле огромен број успешни млади луѓе кои денес се познати математичари и научници во земјата и во светот.
Ѓорѓи Маркоски, претседател на Сојузот на математичари на Македонија, вели дека при организирање и спроведување на натпреварите по математика, Сојузот работи според својот Статут и Правилниците за организирање и изведување на натпреварите, кои беа запазени и во случајот со ученикот Дамјан Давков.

- Сојузот секогаш се стремел да го поттикнува натпреварувачкиот дух на најталентираните ученици, а нивните успеси на меѓународните натпревари биле најдобра афирмација на нашата земја. Ова е впрочем и практика на професионалните математички здруженија на сите најуспешните земји на меѓународните математички олимпијади. За учество на овие меѓународни натпревари не постои најмала возраст на учесниците, туку само најголема возраст. Нашата обврска, според Статутот, за навремено информирање за постигнатите успеси на сите учесници во натпреварите кои ги организира СММ ја завршивме на крајот од септември, т.е. откако завршија сите меѓународни натпревари. Со посебно задоволство ја информиравме јавноста за огромните успеси кои нашите натпреварувачи ги постигнаа надвор од границите на Македонија, во силна конкуренција. Цврсто сме решени да ја продолжиме успешната и одлична соработка со МОН и другите институции во државата преку заедничка акција за навремено откривање на математичкиот талент, мотивирање и поддржување на сите математичари во нашата земја - објаснува Маркоски.

Во таа насока, тој вели дека од СММ подготвиле стручно мислење за потребите од реформи во наставните програми по математика во основното образование, кое го доставиле до сите релевантни институции.
- Конкретно, сметам дека државата во консултација со институциите кои образоваат кадри за наставата треба да направи стратегија за развој на талентираните деца. Тука може да се направат локални школи, секции и слично за работа со тие деца, школи на државно ниво, стипендии, мотивација на наставниците за дополнителна настава и друго - посочува тој.



Испуштаме врвни хемичари од земјата

Проф. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија и член на Сојузот на хемичари и технолози во Македонија, и водич на тимот за меѓународни натпревари, вели дека во нашата држава, за жал, има повеќе примери како математичарот Дамјан Давков од Штип.

- Жалосно е што сме сведоци на ригидниот став и однос од надлежните институции кон прашањето за талентираните ученици. Освојувачот на бронзен медал на Олимпијадата по хемија (најпрестижното натпреварување од хемија – International Chemistry Olympiad (IChO), Александар Трајковски од Демир Хисар, не успеа да ја добие предвидената награда која се доделува од МОН за освоен медал. Конкурсот беше распишан, но интернет-страницата на МОН беше хакирана во периодот кога конкурсот беше активен. Секторот за средно образование не одговори на нашата е-пошта во однос на конкурсот кој требаше да се распише во тој период. Да нè удостоеја со одговор навремено, и покрај неактивната интернет-страница, ќе успеевме да конкурираме. За жал, по овие случувања Александар се одлучи да се запише на Факултетот за хемија и технологија на универзитетот во Љубљана - објаснува професорот.

Паричната помош не е доволна за задржување таленти

Според него, стипендиите и директната финансиска помош на учениците не се единствениот предуслов за задржување на талентите. Предизвик за нив е да конкурираат на престижните универзитети во светски рамки и тоа е процес кој ние како држава не можеме, но и не треба да го сопреме.

- Стратегијата за намалување на одливот на талентирани деца е да се започне финансирање на организациите што работат со нив, но и високообразовните институции каде што овие активности најчесто се одвиваат. Секоја година во лабораториите на Институтот за хемија при ПМФ се подготвуваат 10. најталентирани ученици за нивно учество на светските олимпијади по хемија. Обезбедувањето на финансиите е најгорливиот проблем за СХТМ. Авионски карти, скапи хемикалии и прибор за работа, организација на натпреварите за избор... се само дел од проблемите. Ако Институтот за хемија во 1968 година доби најсовремена зграда со извонредно опремени лаборатории, денес работиме во супстандардни услови. Амортизирани и оштетени лаборатории, стари инструменти и опрема се само дел од сликата која може да се долови за време на подготовките на нашите таленти. Работата со овие ученици е напорна и бара константна подготовка на професорите без разлика што станува збор за универзитетски наставници. И покрај тоа што ангажманот на голем број професори од Институтот за хемија е на доброволна основа, без финансиски надомест, единствената мотивација е сатисфакцијата која ја добиваме со успесите постигнати во меѓународни рамки, со минимални финансии кои макотрпно успеваме да ги добиеме од спонзорства - посочува Буклески.

„Во новата Концепција талентираните се споменати во само две реченици“

Според д-р Ламбе Барандовски, вонреден професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и претседател на Друштвото на физичарите, дефиницијата за талентиран ученик е широка и треба да се спомене дека за еден ученик да биде талентиран, не значи дека треба да покажува исклучителни резултати во многу области - туку доволно е само една.

- Во развиените земји во светот, како Норвешка, Ирска, САД, Англија, Сингапур, Турција итн., постојат институции кои го следат развојот на овие деца, вршат нивна селекција и најчесто на таквите деца им се овозможува следење на посебна настава, наменета за талентирани ученици. Во многу држави, а и во Македонија, дозволено е учениците кои покажуваат исклучителни резултати во наставата, со полагање испити да може побрзо да напредуваат - посочува тој.

Вели дека неодамна професорот од Филозофскиот факултет во Белград, д-р Миодраг Зец, најголемиот проблем на малите земји го лоцира во ограниченоста на ресурсите и дека во таков случај, според него, единствено можете да се потпрете на човечките ресурси што ги имате.
- Меѓутоа, според проф. Зец (цитирам): Ние десетте најдобри ученици од Математичката гимназија им ги даваме на Англичаните, а тука ги задржуваме седумте најголеми ѕвезди од реалните шоуа“. Истото во целост важи и за талентираните ученици од Македонија. Пред повеќе од 15 години тогашната Влада донесе одлука за вработување на стоте најдобри студенти од државните универзитети, која чинам еднаш се реализира, а подоцна во 2016 година беше предложен таков предлог-закон со кој секоја година би требало да се вработуваат стоте најдобри студенти од петте највисоко рангирани државни универзитети, кој не беше донесен. Една таква мерка сигурно би придонела кон задржување на овие млади луѓе во Македонија - објаснува професорот.

Сепак, додава дека позитивен чекор е и отворањето на Математичко-информатичката гимназија во Скопје, која треба да ги собере најголемите таленти од природните науки, но за жал неангажирањето на најдобриот наставен кадар кој може да се најде во државава, во таа гимназија, придонесе најголемиот дел од талентираните ученици да не се запишат таму.
- Во последниве четири години со залагањето на здруженијата кои гравитираат кон Природно-математичкиот факултет и позитивниот став на поранешните директори на Агенцијата за спорт и млади и Фондот за иновации и технолошки развој, доста е направено во поглед на обезбедувањето средства за учество на нашите најдобри ученици на Меѓународните олимпијади, што посебно нè радува - додава Барандовски.

За жал, како што вели, постојат и ретроградни процеси кои денес се актуелни, на пример, новата Концепција за основно образование, каде што талентираните ученици се оставени на маргините и споменати само со две реченици во целиот текст.

- Државата треба да донесе сеопфатна стратегија за решавање на овој проблем, секако, започнувајќи со подобрување на условите во училиштата, опремување на лаборатории и кабинети, овозможување 100 отсто од учениците да следат настава и подобрување на статусот на наставниците во основните и во средните училишта, кои први се среќаваат со ваквите млади луѓе и можат најмногу да направат за нивниот побрз развој. Државата треба да овозможи непречено вработување на најталентираните студенти на факултетите, а и да почне конечно да финансира научноистражувачки проекти на факултетите каде што најдобро ќе биде искористен нивниот талент. Свесни сме дека сите овие проблеми не може да се решат преку ноќ (иако многу може да се направи за краток временски период ако се има слух и желба од соодветните институции) и дека решавањето зависи од многу чинители, како и севкупните економски, социјални и политички околности, но потребно е да се почне со решавање час поскоро - заклучува професорот.

МОН: Имаме активности за талентираните, а доделуваме и стипендии


Од Министерството за образование и наука велат дека во насока на поддршка на талентираните ученици во земјава се реализираат повеќе активности со кои се вреднува и стимулира нивниот труд и постигнати резултати.
- Освен што талентираните ученици на предлог на одделенски наставник, односно одделенски раководител, а со одлука на Наставнички совет, можат да напредуваат и забрзано, но најмногу до два пати за време на школувањето да преминат во наредно одделение, за учениците со натпросечна интелигенција се организираат и дополнителни активности, односно следуваат дополнителни бенефиции. На пример, се организира дополнителна групна или индивидуална настава за надарени и талентирани ученици, а законите предвидуваат советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици. Учениците се подготвуваат за учество на натпревари од страна на наставници ментори - објаснуваат од МОН.

Оттаму посочуваат дека од оваа учебна година отворена е Математичко-информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде што по посебни програми се образоваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката.
- Министерството за образование и наука секоја година доделува стипендии за талентирани ученици од средните училишта и тоа одделно по 100 стипендии за талентирани ученици спортисти и 100 стипендии за талентирани ученици во други области. Месечниот износ е 2.970 денари и се исплаќа за девет месеци во годината - посочуваат од ресорното министерство.

Дополнително, од МОН велат дека доделуваат и еднократен паричен надомест за ученици кои ќе освојат прво место на државен натпревар по кој било предмет организиран од акредитирано здружение на наставници (износот е 50 отсто од просечната нето-плата во земјата), како и еднократни парични надоместоци за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика и природни науки (50 отсто, 40 отсто, односно 30 отсто од просечната нето плата во земјата, зависно од освоеното место).

- Се доделува и месечен паричен надомест за освоен медал на меѓународна научна олимпијада (12 месеци во годината по 12.000 денари за освоен златен медал, 10.000 за сребрен и 8.000 денари за бронзен медал) - додаваат од МОН.

Учениците што ќе го освојат првото место на државниот натпревар – Лидер на струка (натпревар помеѓу ученици од средни стручни училишта), исто така добиваат еднократен паричен надоместок во висина од 50 отсто од просечната плата.

Во последниот период, како што посочуваат од ова министерство, учениците почесто се вклучуваат и во програмите на Фондот за иновации, како и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации, како што е UPSHIFT програмата создадена во соработка со УНИЦЕФ, каде што се поддржува нивната креативност и се стимулира заложбата за напредок.

- МОН ќе продолжи и во иднина со креирање нови и унапредување на постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување целосно остварување на нивниот потенцијал и секако стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на Република Северна Македонија. Младите се дел од целиот тој процес преку новоформираната група на иницијатива на министерката Мила Царовска, МОН-млади преку која даваат свој придонес во дефинирањето на новите мерки, активности, проекти и слично - заклучуваат во одговорот од МОН.

Фото: Фрипик
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема