Германскиот гигант за производство на автомобили „Фолксваген“ (VW) воведе претплата за британските клиенти кои сакаат да ја зголемат моќноста на некои од своите електрични автомобили.
Оние кои купуваат автомобил со соодветни карактеристики во неговата „ид.3“ линија, можат да изберат да платат дополнително, ако сакаат да ја отклучат целосната моќност на моторот во возилото.
Може да се уплати и доживотна претплата
Од компанијата велат дека опционалното надградување на моќноста ќе чини 16,50 фунти месечно или 165 фунти годишно - или луѓето можат да изберат да платат 649 фунти за доживотна претплата.
Од фирмата изјавија дека им нудат избор на клиентите со оваа функција. Инаку доживотната претплата ќе биде за автомобилот, а не за поединецот, што значи дека надградбата ќе остане на автомобилот ако се продаде.
Портпарол на „Фолксваген“ изјавил дека веруваат оти давањето можност на луѓето да купат поголема моќност за нивниот автомобил не е ништо ново.
-Историски гледано, многу бензински и дизел-возила се нуделе со мотори со иста големина, но со можност за избор на еден со поголема моќност – истакнал портпаролот.
Од компанијата додале дека надградбите на моќноста ќе им овозможат на клиентите да се одлучат за поспортско искуство во возењето во секое време, наместо да се обврзуваат од самиот почеток со повисока почетна цена за купување.
Ваквите понуди се покажале како контроверзни за некои клиенти во минатото, кои се незадоволни што можеби ќе треба да платат за пристап до функции кои во некои случаи веќе се присутни во автомобилот што го поседуваат.
Ништо ново
Други производители на возила како што е „Бе-ем-ве“ воведоа слични додатоци базирани на претплата во минатото, како што се греење на седиштата и воланите.
А „Мерцедес“ воведе услуга за онлајн претплата во САД во 2022 година, која им овозможи на клиентите да плаќаат за да ги забрзаат нивните електрични автомобили.
Според спроведена анкета, некои клиенти може да бидат обесхрабрени од цената на претплатите за функции како што е поврзувањето или од поделбата на основните функции на нивоа за плаќање. Во анкетата се вели дека бројот на испитаници кои рекле дека би платиле за такви услуги се намалил од 86% во 2024 година на 68% во 2025 година.
Фирмата за истражување на пазарот „Џунипер Рисрч“ проценува дека глобалната економија на претплати ќе достигне вредност од речиси 1 трилион долари (740 милијарди фунти) до 2028 година.
Фото: Freepik