Од нуклеарната катастрофа во 1986 година, Забранетата зона на Чернобил доби нов живот како своевиден дом за животни.
Меѓу 1998 и 2004 година научниците почнаа да ја воведуваат во зоната загрозената раса пржевалскиев коњ, последната вистински дива коњска раса во светот. Камерите покажуваат дека коњите редовно користат напуштени штали и згради во Забранетата зона.
Пржевалскиев коњ е раса на мали и масивни коњи, некогаш распространети низ Европа, а денес главно се наоѓаат во Монголија, Кина и Казахстан. Помеѓу 1998 и 2004 година 36 коњи беа пуштени во оваа зона.
Во период од четири години, популацијата двојно се зголеми. Импресивно, но не доволно за самостојно преживување. Научниците, предводени од Питер Шлихтинг од Универзитетот на Аризона, открија дека коњите го користат новото опкружување во своја корист.
- Кога големината на популацијата е намалена, се губи многу природна разновидност. Целта на овие програми е да се одржува колку што е можно повеќе разновидност и да се спречи размножување внатре во популацијата за да може да се справи со промени во животната средина и да преживее долгорочно - вели Шлихтинг.
Камерите откриваат дека коњите редовно ги користат напуштените згради, особено шталите, како засолниште.
- Нашите резултати покажуваат дека овој вид коњи редовно ги користат напуштените згради во зоната. Овие структури можат да служат како важни точки за истражување и управување, обезбедувајќи клучни демографски информации како возраст, сооднос на полови, големина на популацијата и генетска структура - вели Џејмс Бизли, асоцијативен професор на Универзитетот на Грузија.
Камерите го следеле движењето на коњите во текот на зимата и летото. Коњите често поминувале повеќе од пет последователни часа во зградите.
Во летните месеци научниците забележале и други животни во објектите: зајаци, елени, диви свињи, лисици, ракуни, европски рис и волци, како и многу птици и лилјаци.
Зоната добива репутација на засолниште за животни, нешто што никој не го очекуваше по катастрофата од 1986 година.
Со намалувањето на радијацијата во зоната и политичките промени, Украина и Белорусија, како и светот, се запрашаа што да прават со зоната полна со сè, освен со луѓе.
Истражувањата покажаа дека животните се вратиле. Долгорочно истражување од 2015 година покажува дека независно од потенцијалните ефекти од радијација врз поединечни животни, во зоната живеат цицачи дури и по три децении хронично изложување на радијација.
Идните истражувања врз коњите ќе покажат колку напреднале откако биле воведени во регионот.
Следниот чекор е проширено истражување на украинската страна, кое е привремено прекинато од 2022 година поради рускo-украинската војна.
Извор:
Popularmechanics.com
Фото: University of Georgia