X
 04.03.2021 Наука

Научниците се чекор поблиску до решавање на мистеријата поврзана со „езерото на костурите“

Меѓународен тим од научници тврди дека ја разрешил мистеријата за Рупкунд, индиското „езеро на костурите“. Со децении истражувачите се обидувале да откријат како остатоците на стотици луѓе завршиле во езеро на Хималаите.

Остатоците се расфрлени наоколу и под мразот во близина на „езерото на костурите“. Во зависност од сезоната и времето, езерото, кое останува замрзнато поголемиот дел од годината, се шири и се намалува. Скелетите се видливи само кога снегот се топи и се прилично добро сочувани. До денес тука се пронајдени скелетни остатоци од 600 до 800 луѓе. Во туристичките промоции локалните власти го опишуваат како „мистериозно езеро“.

Повеќе од половина век антрополозите и научниците ги проучувале остатоците, останувајќи збунети поради неколку прашања: Кои биле овие луѓе? Кога умреле? Како умреле? Од каде биле?

Една од теориите вели дека остатоците се на индискиот крал, неговата сопруга и нивните помошници, кои починале во снежна бура пред 870 години, а друга дека остатоците им припаѓаат на жртви на епидемија. Трета теорија вели дека природна катастрофа што се случила во текот на 9 век убила група луѓе. Четврта теорија е дека некои од остатоците им припаѓаат на индиски војници кои се обиделе да го нападнат Тибет во 1841 година и биле претепани.

Претходните истражувања на скелетите откриле дека повеќето луѓе што починале биле високи - повеќе од просечниот раст. Повеќето од нив биле на средна возраст, на околу 35 и 40 години. Немало бебиња и деца. Некои од нив биле постари жени, а сите имале добро здравје.

ezero
Фото: Instagram

Генерално, се претпоставуваше дека скелетите се од група луѓе што умреле одеднаш во еден катастрофален настан во текот на 9 век.

Ново истражување спроведено од истражувачи од Германија, Индија и САД ги побива сите овие теории. Научниците тврдат дека смртта се случила во различно време и дека некои луѓе починале и 1.000 години подоцна од другите.


- Секое објаснување што вклучувало еден катастрофален настан што довел до нивна смрт е поништено. Сè уште не е јасно што се случило на езерото Рупкунд, но сега можеме да бидеме сигурни дека смртта на овие лица не може да се објасни само со еден настан -  вели Идоин Харни, водечки автор на истражувањето и студент на докторски студии на Универзитетот „Харвард“.

Научниците велат дека најневеројатниот детал е тоа што луѓето кои го дочекале својот крај во езерото потекнувале од различни места. Една група на луѓе имала генетика слична на оние што денес живеат во Јужна Азија, додека друга група била „тесно поврзана“ со луѓето што денес живеат во Европа, особено со оние што живеат на грчкиот остров Крит.

Се чини дека луѓето што потекнувале од Јужна Азија не се од истата популација, велат истражувачите.

- Некои од нив имаат потекло што е почесто во групи од северот на потконтинентот, додека други потекнуваат почесто од јужните групи - вели Идоин Харни.

Иако истражувањето дава одговори на многу прашања, некои работи остануваат нерешени, а една од нив е како умреле овие луѓе. Не било пронајдено оружје во езерото, а генетичките истражувања покажале дека нема присуство на бактериски патоген што може да покаже дека починале од болест.

Се претпоставува дека патот за аџилакот што поминува покрај езерото може да објасни зошто луѓето патувале во областа. Истражувањата откриваат дека извештаите за аџилак во областа не се појавуваат дури до крајот на 19 век, но натписите во локалните храмови датираат помеѓу 8 и 10 век, што укажува на потенцијално претходно потекло.

Научниците веруваат дека некои од телата пронајдени на тоа место се резултат на „масовна смрт за време на аџилак“.

Но, прашање е што правеле луѓе од Источниот Медитеран во близина на езеро во највисоките планини во Индија? Се чини мала веројатноста луѓето од Европа да патувале до Рупкунд за да учествуваат во хиндуистички аџилак. Или можеби станува збор за генски изолирана популација на луѓето со далечно источно медитеранско потекло што живеело во регион со многу популации.

- Сè уште бараме одговори - вели Идоин Харни.

Сместено на дното на падината на Трисул, една од највисоките планини во земјата, мистериозното езеро било откриено од британски ренџер во 1942 година. Оттогаш езерото им го привлекува вниманието на антрополозите и љубопитните посетители.

Извор: ВВС
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука