X
 20.01.2025 Живот

Местото каде што можете да научите сѐ за чоколадото и да изедете колку што сакате

Во новата „Линдт - Куќа на чоколадото“, сместена во модерна зграда во Килхберг, предградие на Цирих, историјата на чоколадото е оживеана преку постојана музејска поставка, посветена на овој омилен десерт на сите генерации.

Плановите за зградата ги подготвиле познатите архитекти „Крист&Гантенбеин“ од Базел, а модерниот дизајн формира впечатлив контраст со историската зграда на фабриката на „Линдт“од 1899 година и совршено се вклопува во средината. Внатрешноста е апсолутно воодушевувачка. Заоблените скали, висечките патеки и импозантните светларници над главите на посетителите ѝ даваат на зградата посебна елеганција.

Со овој проект, Фондацијата „Линдт чоколејт комптенс“ сакала да ја зачува водечката позиција на Швајцарија во производството на чоколадо на долг рок, да ја зајакне и прошири експертизата на швајцарското чоколадо, но и да поттикне одржливи иновации. Проектот е наменет да ја продолжи работата на пионерите на чоколадото, кои го искористиле својот инвентивен талент и знаење за да го популаризираат швајцарското чоколадо низ светот и да го постават како дел од швајцарскиот национален идентитет. Затоа не е чудно што повеќе од 100 милиони швајцарски франци се инвестирани во уникатниот Центар за експертиза за чоколадо, во рамките на фабриката на „Линдт“.

Тоа е дом на познати мајстори за чоколадо, кои ја усовршиле уметноста за да создаваат десерти и уметнички дела со чоколадо. Тука се собираат мајстори од целиот свет - Томас Шњецлер (Австралија), Арнаулд Рагот (Франција), Ен Чај (САД), Урс Лихти (Швајцарија), Стефан Брудерер (Швајцарија), Лиза Периколи (Италија) и многу други. Тие сега ги отвораат вратите за да им овозможат на посетителите да се нурнат во извонредниот свет на чоколадото.

фотоизвор: Lindt Home of Chocolate

Во чоколадната куќа има и интерактивна мултимедијална изложба со седум основни области, која опфаќа околу 1.500 квадратни метри и теми како одгледување какао, историја на чоколадото, швајцарските пионери на чоколадото и процесот на производство. Музејот овозможува и увид во некои од тајните на производството на чоколадо, додека многу напредниот производствен капацитет, на кој посетителите имаат отворен поглед низ стаклен ѕид, овозможува ексклузивен увид во внатрешната работа на фабриката за чоколади. Она што е важно е дека фабриката го предводи и патот за идното производство на чоколадо и развој на технологијата, бидејќи служи како истражувачки центар за експерти.

Љубителите на чоколадо од сите возрасти имаат можност да научат фасцинантни факти за чоколадото, а може да се радуваат и на многу посебно задоволство - област за дегустација со различни тартуфи „Линдор“, која ги чека на крајот од изложбата.

Една од најспектакуларните глетки во чоколадната куќа е чоколадната фонтана во влезниот хол, висока повеќе од девет метри.

фотоизвор: Lindt Home of Chocolate

Импресивната зграда ја содржи и најголемата продавница за чоколади „Линдт“ во светот, првото „Линдт кафе“ во Швајцарија, како и Чоколатерија посветена на курсеви за правење чоколади, па посетителите имаат можност да подготват свои чоколадни креации.

„Линдт - Куќа на чоколадото“ многу брзо стана возбудлива дестинација за 350.000 љубители на чоколадо годишно, еден вид слатко место за аџилак. А зошто да не - кога правилото е „јади колку сакаш или колку што можеш“.

Извор: tportal.hr

Фото: Lindt Home of Chocolate

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот