X
 20.01.2025 Наша тема

„По скалилата на успехот“ со глумицата Тања Кочовска: „Уште десет пати да се родам, пак би била актерка“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Вљубениците во театарот ја препознаваат по нејзината природна глума и големата смисла за хумор, а љубителите на музиката по макфестовските евергрини „Твоите очи мој сине“ и „Еми“. Иако маестрална во музичката интерпретација, со премногу моќен вокал, што секако го носи во гените зашто е ќерка на легендарните музичари Панче и Невена Кочовски од составот „Мањифико“, сепак не сакала да стане музичар. Глумата ја маѓепсала уште во средношколските денови. И никогаш не зажалила што го следела својот сон и станала актерка. 

Денес, по многу одиграни премиери, понекогаш и по три претстави на ден, одглумени премногу улоги, вели дека уште десет пати да се роди, пак би била актерка и ништо друго.



Кога татко ѝ дознал дека сака да биде актерка, го повикал Чоревски да види дали е талентирана

-Моите родители ќе беа најсреќни да бев музичарка. Но, јас не сакав. Имам клавир дома, но ми стои за украс и знам две композиции да отсвирам. Немам мерак за свирење. Мајка ми и татко ми свиреа на гитара, колку пати со нив ќе седнев да учам, но ќе се искарав и толку беше. Тие дознаа дека ќе се запишам на Факултетот за драмска уметност во последен момент. Тоа го терав самата, сѐ додека татко ми, кој беше другар со Благоја Чоревски, не дозна во последен момент и му се јави: „Tе молам, моето дете сака да оди на ФДУ, дојди да видиш дали ја бидува“. Тој му рече дека сум добра и дека можам да одам на приемен испит. Родителите не се мешаа, но не им беше баш драго. Сепак, подоцна кога ќе ме гледаа на претстава и ќе си одеа насмеани дома, беше друга песна - вели Кочовска.



Актерот треба да се искали во детски претстави, а потоа да замине во театар за возрасни

По завршувањето на факултетот се вработи во Драмскиот театар во Скопје, па во Театарот за деца и младинци (ТДМ). Таму помина плодни 24 години и беше дел од актерскиот тим кој со години го држеше ТДМ на врвот и им беше омилен на децата и младите. Оваа успешна и наградувана актерка веќе седум години е дел од ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ), каде што со иста жар и посветеност игра во претставите.



-Ако си млад во духот, во театар и за стари и за млади ќе бидеш млад. Мој прв директор во Драмски театар беше Благоја Чоревски. За дипломската бев бремена и по два месеца откако го родив синот Александар, си реков: „Aх, ме заборавија сите, нема никогаш да играм“. Само штo го реков тоа, ми се јави Чоревски и ме праша дали мислам да работам и веднаш да се спремам и да отидам во театар. Jaс буквално за месец-два влегов во Драмски театар. Но, како што се отвори детско-младинскиот театар, Чадковски две години ме бркаше да се вработам кај него. По повеќе години минати во ТДП, се случи да глумам во претставата „Чикаго“ во МНТ и тогашниот директор Дејан Пројковски ми рече: „Ни треба овде актерка пополничка, комичарка, што пее, тоа ни е дефицитарно, дали би сакала да направиш трансфер?“ Веќе години сум таму и се чувствувам беспрекорно. За секој глумец важи правилото - во детските претстави да се искали, да пече занает, а потоа да се префрли во театар за возрасни - порачува Кочовска.



Најтешко ѝ е кога нема проби и претстави

По години поминати на театарската сцена и многу претстави и улоги, таа не се измори од актерството. Вели дека тоа е нејзиниот живот.

- Секогаш сум среќна кога играм претстави. Кога не сум на сцена, не се чувствувам добро, исполнето. Тоа ми е најтешкиот дел, кога се случува да има некоја пауза, на пример, да не играме една недела или 10 дена. Уште десет пати да се родам, јас би била актер и ништо друго. Многу е специфична нашата работа. Кога играм некоја улога, дење-ноќе мислам на неа, до детаљ сакам да проникнам во неа. Тоа е макотрпна работа. Живеам со тој лик. Потоа ми е тешко да излезам од него. Но, станува рутина. Затоа велат дека ни треба бенефициран стаж, зашто ние актерите секој ден сме друг човек, друга личност – вели Кочовска.



Никогаш не ѝ се случило да доцни

-Доцнењето е нешто што може да ме извади од такт. Тоа е нешто што најмногу го мразам. На проба доаѓам еден час, а на претстава три часа порано. Ми треба време да се подготвам, да се опуштам, да го почувствувам мирисот на сцената, да се потсетам на текстот, на тоа што треба да се прави - додава актерката.

Ова е макотрпна работа и треба актерот целосно да ѝ се посвети, па дури и кога не е расположен, кога има проблеми или е болен. Тања раскажува дека по операција одела на проба или претстава. Кога ѝ биле болни децата, морала да ги остави во болница, да оди на проба и пак да се врати или откако ќе поминела претставата, да преспие со нив на болница.



-Никогаш збор не сум кажала колку и да сум била болна. Театарот не смее да трпи, што сега, со поновите генерации не е случај - вели Кочовска.

Разговорите за театарот со сопругот траат бесконечно

Кај неа сѐ тргнало по актерска линија, па дури и бракот. Омажена е со актерот Предраг Павловски, со кого прво играа во ТДМ, а сега и во МНТ. Иако вели дека не е баш најдобро да имаш животен партнер кој се занимава со истата професија, признава дека голем дел од нивните разговори се посветени токму на театарот.

-Колку пати ќе ни речат што се карате, а јас им објаснувам дека разговараме за претстава. Кога ќе седнеме на кафе, знаеме да зборуваме само за театар. Имаме многу теми за разговор, но кога се зборува за театар, се разговара бесконечно. За улоги, за претстави - додава Кочовска.



Мајка е на две деца, синот Александар, кој студира и работи во областа на туризмот, и ќерката Нела, која тргна по чекорите на Тања и Предраг, односно стана актерка.

-Таа се запиша прво на шпански и англиски јазик на Филолошкиот факултет, за да не го повреди татко ѝ, веројатно тој повеќе се противел да биде актерка. Стигна до апсолвент на факултетот. Но, гледав дека не беше среќна. Тропнав на масата и реков: „Тоа е твој живот, ти одбираш. Знаеш колку е тешка нашата професија, колку треба да се работи, а сега и ништо не е сигурно. Ако си подготвена да го поднесеш тоа, студирај на Драмски. И таа дипломира на глума, денес е актерка, игра во претстави и се надеваме дека тоа да биде и со вработување - вели гордата мајка.



Пасија ѝ се скоковите во вода

Покрај музиката и глумата, Кочовска има талент и за гимнастика. Страст ѝ се скоковите во вода, кои ги изведува и на оваа возраст, и ја воодушевува публиката со нејзината подвижност испраќајќи понекое видео на социјалните мрежи.

- На времето тренирав и пливање и скијање. Кај нас нема сокови во вода, но тоа е дел од мене, како цел живот да сум го правела. Знам и салта да направам. На факултет професорот по акробатика и гимнастика ме повика да му асистирам. Како средношколка пливав за гимназијата, играв и ракомет, возев велосипед, секоја сабота возевме до Лешок, интензивно се занимавав со спорт. И тоа многу го сакав и уште го сакам - додава таа.



Поради обврските, денес нема многу време да си посвети на себе. Тоа страшно ја нервира, но си ветува дека ќе најде начин да почне пак да биде физички активна.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема