Портата на свеста се отвора кога светлината на срцето ќе продре во мистериозните лавиринти на умот и ќе ни го покаже патот кон излезот – решението. Кој е излезот – решението, спасоносното решение за духовната егзистенција на човекот во кафезот на цивилизацијата?
Излезот е во културата, а клучот кој ја отвора портата кон културата е филозофијата како највозвишена духовна наука. Филозофијата е уметност на создавање хармонија помеѓу мислите, зборовите и делата. Таа е огледало на вистината! Филозофијата ги просветлува умот и срцето и ни помага да гледаме на светот од нови, поинакви перспективи. Сржта на филозофијата е просветлување на умот и срцето со светлината на мислите, зборовите и делата кои го менуваат светот во добро место за творечка преобразба на животот во Живот.
Платон сметал дека една држава ќе биде добро уредена, а луѓето во неа ќе бидат среќни, кога филозофите ќе станат владетели, а владетелите ќе станат филозофи. Под филозофи Платон ги подразбира најмудрите и најспособните, т.е. оние луѓе на кои доброто на државата им е пред сè и над сè.
Филозофијата е клучот кој ќе ја отвори вратата кон образованието со суштина и смисла! Ќе мораме непоколебливо да се бориме за правата и достоинството на филозофијата и да ја возвишиме и воздигнеме токму таму каде што припаѓа – на пиедесталот на синергијата на сите духовни науки. Филозофијата е изворот од кој потекнуваат науките и уметностите. Општеството во кое се отфрла филозофијата не е плодно и напредно. Тоа општество стагнира и создава „радосни“ роботи – робови или послушници...
Филозофијата е делотворен лек за исцелување на душата. Нејзината мудрост ја облагородува, просветлува и возвишува душата! Филозофијата е бунт против образованието без суштина и смисла. Таа е патоказот кон иднината (утрешнината)! Филозофијата е најмоќното духовно оружје за освојување на слободата! Таа повикува на бунт против ропството на духот во занданата на несовршените општествено-политички системи. Занемена како гостинка која доаѓа од друг свет, филозофијата овде, на оваа безначајна планета, во овој суров свет ги собира трошките од „лебот“ на „прогресот“ исфрлена на маргините на општеството.
Го слушам нејзиниот лелек и плач! Таа повикува на духовна (р)еволуција или (р)еволуција на свеста. Со нејзиниот молк филозофијата протестира против сè што е сурово и грдо во овој менлив и минлив свет. Филозофијата е духовна борба – таа е светлината која внесува радост во постоењето! Немирот и пустошот што владеат „овде и сега“ се немоќни да го уништат нејзиното духовно јадро. Во таа нејзина болка – во тој нејзин чемер, односно јад филозофијата ќе ја пронајде силата и ќе се издигне како птицата феникс од сопствената пепел. Филозофијата е творба, но и борба – творба на духот кој е вечен и борба на духот за слободата за која треба да се избориме ако сакаме да имаме утрешнина!!!
Филозофијата е деликатна духовна материја која не може да се вклопи во несовршените општествено-политички системи. Филозофијата како највозвишена духовна наука треба да биде двигател на општествените промени! Во ваква ситуација младите денес се ставени пред образовниот предизвик да се осмелат да мислат поинаку – „надвор од кутијата“. Според филозофот Бертранд Расел, „образованието најмногу ги учи младите како да се стекнат со одреден вид знаења, а најмалку им помага да ги прошират хоризонтите на умот и срцето во создавањето непристрасен поглед на светот“. Главната и примарна цел на вистинското образование е да создава личности кои се самосвесни, слободни и имаат чувство на најголем степен на одговорност кон сопствениот живот и другите животи. Затоа младите денес се во потрага по изгубената суштина на образованието, а во тоа може да им помогне само филозофијата. Филозофијата не само што ги обединува во синергија општествените и хуманистичките науки – туку таа е мостот кој ги доближува уметноста и науката! Филозофијата не е професија – таа е мисија и визија за создавање на иднината (утрешнината)!
Како уметност на говорењето преточено во мудрост и уметност на тишината, молчењето и премолчувањето кога тоа е неопходно – филозофијата е хармонија на зборовите и делата низ филтерот на духовниот медиум на душата.
Филозофијата е екологија на свеста која игра важна улога во создавањето здрави и автономни личности кои ќе се грижат за иднината и ќе создадат духовна заедница (здраво општество) на високите нивоа на свеста.
Автор: Душица Ѓокиќ, магистер по Филозофија и независен истражувач при Институтот за филозофија на УКИМ