X
 20.03.2022 Живот

Шпански град во кој речиси нема автомобили и трговските центри се забранети

Жителите на шпанскиот град Понтеведра живеат во вистинска урбана бајка. Овој град со над 80.000 жители практикува мерки кои денес градовите се обидуваат да ги воведат. Имено, од 1999 година градоначалникот Мигел Анкзо Фернандез Лорес успеал да го забрани движењето и користењето на автомобили во строгиот центар на градот. Се прават исклучоци за забраната на автомобили во пешачките зони во случај на венчавки, погреби и за достава.

Центарот на градот е познат по прекрасната архитектура и камените улици. Автомобилите се реткост дури и во преостанатиот дел од градот, а откако на власт е овој градоначалник, емисиите на јаглероден диоксид се намалиле за 70 отсто, иако бројот на жители се зголемил за 12.000. 



Освен забраната за автомобили, биле отворени нови паркинзи и подземни гаражи на периферијата на градот, каде што жителите може да ги користат автомобилите доколку ја почитуваат границата за брзина од 30 километри на час.

Семафорите биле заменети со кружни текови, а така се намалил и бројот на жртви во сообраќајни несреќи. Бројот на загинати во сообраќајни несреќи се намалил од 30 во 1996 на само 3 во 2006 година. Од 2009 година во градот немало жртви во сообраќајни несреќи.


Во овој град нема да најдете ниту трговски центри бидејќи нивната изградба е забранета, а така им се помогнало на малите фирми.

- Историскиот центар на градот беше мртов. Имаше многу дрога, премногу автомобили, центарот беше маргинализиран. Градот пропаѓаше, беше загаден и имаше многу сообраќајни несреќи. Градот стагнираше. Кој имаше можност, го напушташе. Прво мислевме дека треба да ги подобриме законите поврзани со сообраќајот, но не можевме да најдеме одржливо решение. Наместо тоа, одлучивме да им ги вратиме јавните површини на жителите и на тој начин да се ослободиме од автомобилите - истакнал градоначалникот.

Извор: Green
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот