X
 12.08.2025 Наука

Ковид, грип и други вирусни инфекции можат повторно да разбудат неактивни клетки на рак на дојка, покажува ново истражување

Стравот дека ракот на дојка може еден ден да се врати кај пациент кој успеал да се излечи, е сериозен извор на анксиозност. Тоа е разбирливо, бидејќи повеќето рецидиви и метастатски форми (рак кој се проширил) не започнуваат од нови тумори.

Напротив, тие се предизвикани од клетки на рак кои одеднаш се будат. Овие неактивни клетки обично се населуваат во места како белите дробови или коските, чекајќи идеални услови за повторно да се активираат.

Долги години научниците се обидуваат да откријат што точно од сон ги буди овие клетки. Постојат навестувања дека хронично воспаление предизвикано од фактори како пушење или стареење може да има улога, делувајќи како ненамерен аларм.

Ново истражување дава докази дека вообичаени респираторни инфекции, како грипот или ковид-19, се способни да ги поттикнат овие неактивни клетки на рак повторно да се активираат.

Истражување спроведено на глувци

Во истражување биле користени глувци со генетски вметнати клетки на рак на дојка, дизајнирани да го имитираат однесувањето на неактивните човечки клетки скриени во белите дробови. Истражувачите потоа ги инфицирале глувците или со вирусот на инфлуенца (грип), или со ковид-19.

Откритието било загрижувачко: само неколку дена по инфекцијата, некогаш мирните клетки почнале да се будат, брзо да се размножуваат и да создаваат нови метастатски жаришта во белите дробови.

Клучниот предизвикувач не бил вирусот, туку имунолошкиот одговор

Изненадувачки, вирусите директно не го поттикнале овој процес. Наместо тоа, виновник бил имунолошкиот одговор на телото против инфекцијата.

Клучна улога играл молекул наречен интерлеукин-6 (IL-6) кој помага во координацијата на одбраната од напаѓачи како вирусите. Но, при вирусна инфекција, неговото ниво може нагло да се зголеми. Овој привремен пораст создава идеални услови неактивните клетки на рак да преминат во силно активна состојба, започнувајќи да се делат.

Кога научниците го блокирале IL-6 кај глувците, размножувањето на клетките по вирусна инфекција било значително намалено. Ова укажува дека IL-6 е клучен прекинувач меѓу безопасна состојба и метастази.

Истражувачите забележале дека повторното будење на клетките не трае засекогаш. Приближно две недели по инфекцијата, активноста се намалувала, а клетките повторно влегувале во состојба на неактивност. Сепак, опасноста не исчезнувала. По секоја инфекција, во белите дробови останувале значително повеќе „разбудени“ клетки подготвени да се активираат при следниот поттик. Дополнително, наместо да ги уништи овие клетки, одреден вид имунолошки клетки таканаречените помошни Т-клетки, ги штителе од другите имунолошки напади, овозможувајќи им да преживеат.

Иако експериментот бил на глувци, научниците анализирале и податоци од илјадници преживеани од рак во Обединетото Кралство и САД за време на ковид-пандемијата. Тие откриле дека пациентите со рак, особено оние кои неодамна имале респираторна инфекција, имале речиси двојно поголем ризик да починат од рак во споредба со оние кои не се заразиле. Овој тренд бил најизразен во месеците по инфекцијата, што целосно се совпаѓа со наодите кај глувците.

Врската меѓу вирусните инфекции, воспалението и рецидивот на рак може да објасни зошто стапките на смртност од рак пораснале во раните фази на пандемијата, особено кај луѓето со историја на рак на дојка или друг тип на рак.

Овие наоди укажуваат дека преживеаните од рак треба да се штитат од респираторни инфекции, не само за да ја избегнат болеста, туку и за да го намалат ризикот од активирање на неактивните клетки што можат да предизвикаат опасни метастази.

Мерки како вакцинација и брзо лекување на инфекции би можеле да станат дел од стандардната заштита по рак.

Извор: The Conversation
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука