Ајнштајн и неговиот син Ханс Алберт имале затегнат однос, но сепак големиот физичар имал удел во неговиот успех, инспирирајќи го да ја продолжи својата научна страст. Но, татковското охрабрување се проширило подалеку, надвор од научните занимања и кон општа теорија за учење и уживање, што сугерира дека можеме да бидеме најсреќни и најпродуктивни кога сме најмногу свои, односно автентични.
Додека живеел во Берлин, Ајнштајн му напишал трогателно писмо на својот син, по само два дена откако ја завршил Теоријата за релативност. Неговиот тон се менува од весел до полн со болка - жалејќи се за „непријатната“ разделба на неговото семејство и предлагајќи да поминува повеќе време со Алберт, како што го нарекува. Тој сметал дека неговиот син може да научи многу добри и убави работи од него.

- Овие денови завршив едно од најубавите дела во мојот живот. Многу ми е мило што наоѓаш радост со пијаното. Ова и столаријата се, според мене, најдобрите занимања за твоите години - напишал Ајнштајн.
И самиот аматерски музичар, Ајнштајн ја разбирал вредноста на развивањето неформална занимација.
- Главно свири ги работите што ти се допаѓаат, дури и ако наставникот не ти ги задава тие работи. Да го правиш она што го сакаш, онака како што сакаш, е начин да научиш најмногу, кога правиш нешто со такво уживање што не забележуваш дека времето минува - му напишал тој на својот син.
Оваа голема тема за целосно потопување во креативен потфат се појавила неколку децении подоцна во работата на друг научник - унгарскиот психолог Михали Чиксентмихали. Таквото креативно потопување тој го нарекува „тек“ или состојба на „целосно вклучување во активност само заради активноста“.
- Недостигот на основни материјални ресурси придонесува за несреќа, но зголемувањето на материјалните ресурси не ја зголемува среќата - смета Чиксентмихали.
Иако никој од нас не може да биде Ајнштајн, Чиксентмихали ни кажува дека сите можеме да имаме корист од советите на Ајнштајн, правејќи ги работите најдобро што можеме и без никаква мотивација освен чисто задоволство.
Извор: openculture.com
Фото: Facebook/Freepik