X
 20.10.2025 Живот

Најдобрата земја за пензионери се наоѓа во Европа

Три европски земји се најдоа меѓу петте најпривлечни светски дестинации за пензионери годинава, врз основа на нивниот висок квалитет на живот, ефикасен даночен систем и безбедност.

Зголемената животна возраст и подобрените можности за преселба во странство ја поттикнуваат таканаречената миграција поради пензионирање. Не сте сигурни каде да ги поминете вашите „златни години“? Според „Глобал ретајрмент репорт 2025“, најдобрите земји за преселба се Португалија, Маврициус и Шпанија, по кои следуваат Уругвај и Австрија. Извештајот, составен од „Глобал ситизен солушнс“, опфаќа 44 дестинации, вклучувајќи ги само оние со официјални програми за „виза за пензионирање“.

- Меѓународната миграција за пензионирање се претвора во тренд за луѓето кои ги ставаат квалитетот на животот, безбедноста, пристапноста и стабилноста на прво место - вели д-р Лаура Мадрид, водечки истражувач на истражувањето.

Кога станува збор за програмите за овој вид виза, повеќе од 36 отсто од сите можности се достапни во Америка, а речиси 32 отсто во Европа, според извештајот. Сепак, утврдено е дека вакви програми почнуваат да се појавуваат и во Азија и во Африка.

Земјите што нудат вакви шеми за визи биле оценети со максимални 100 поени, според фактори како леснотија на преселување, трошоци за живот и даночни поволности за пензионерите.

Поголемиот дел од државите вклучени во извештајот спровеле низа мерки за зголемување на удобноста на своите граѓани, при што над 70 отсто можат да се пофалат со натпросечна здравствена заштита, високи еколошки стандарди и добро ниво на благосостојба.

Повеќето земји (93 отсто) нудат и јасни патишта до државјанство, а половина од нив им овозможуваат на апликантите да добијат државјанство за пет години или помалку.

Со цел да привлечат луѓе со повисоки примања, речиси две третини од земјите (61 отсто), нудат посебни даночни поволности за пензионери, меѓу кои се Грција, Малта и Кипар.

пензија
Фото: Euronews

Трошоците за апликација и безбедноста се приоритет и во приближно две третини од овие програми, а европските земји, меѓу кои Франција, Португалија, Шпанија и Австрија, имаат високи оцени во тие категории.

Европските земји се издвојуваат во рангирањето благодарение на високиот квалитет на живот, добрата здравствена заштита и еколошките стандарди.

Во рамките на блокот, Јужна Европа изгледа како победник благодарение на специјалните даночни режими и медитеранскиот начин на живот.

- Со 32 отсто од глобалните опции за визи за пензионирање, Европа води во здравството, безбедноста и интеграцијата, додека јужните земји како Португалија, Шпанија и Грција нудат блага клима, пристапни трошоци и визи за пасивен приход погодни за пензионери - вели Мадрид.

Според извештајот, Португалија го зазема првото место на листата со најповолни шеми за визи за пензионирање во светот.

- Португалија е на врвот на нашиот Индекс за глобално пензионирање 2025 бидејќи Д7 визата е една од најбараните визи за пасивен приход во Европа - вели Адалберто Пука, раководител на секторот за глобални мобилни услуги во „Глобал ситизен солушнс“.

Освен визата, Португалија нуди суштински предности кои најмногу им значат на пензионерите: значително пониски трошоци за живот во споредба со другите западноевропски земји, одлична здравствена инфраструктура, поволно даночно планирање, блага клима со високи еколошки резултати, и е едно од најбезбедните општества во Европа и извонреден квалитет на живот.

Друга високорангирана земја е Шпанија, која е прогласена за трета најдобра дестинација за пензионери, додека Австрија се смета за петта најдобра опција во светот. Западноевропските земји често се популарни поради своите врвни јавни здравствени системи, при што Франција, Австрија и Шпанија особено се издвојуваат.

Исто така, дестинациите од другата страна на Атлантикот се сметаат за добри избори поради нивната даночна ефикасност и пониските трошоци за живот на странците.

Земјите во Америка нудат големи даночни ослободувања за доход остварен во странство, а трошоците за живот генерално се пониски отколку во Европа.

Латиноамериканските дестинации како Парагвај, Уругвај и Аргентина се познати по тоа што доделуваат постојан престој веднаш или по краток период, додека земјите на Карибите и во Централна Америка како Панама, Белизе, Костарика, Ел Салвадор и Никарагва нудат итни даночни олеснувања и широки ослободувања за доход остварен во странство.

Азиските програми, меѓу кои се оние во Тајланд, Малезија и Филипините, нудат комбинација од топло време во текот на целата година, релативно ниски приходи потребни за апликација и лесни обновувања на визите.

Во африканските дестинации, како Маврициус и Зелен 'Рт, едноставните даночни системи и изречните ослободувања за странски пензии се комбинирани со мултикултурна средина.

„Златната виза“ и „Д7 програмата“ на Португалија колективно генерирале повеќе од 7 милијарди евра странски директни инвестиции од нивното воведување, при што голем дел од средствата бил насочен кон секторот за недвижности. Во Шпанија, слични програми привлекле над 4,5 милијарди евра помеѓу 2014 и 2023 година, иако Мадрид сега ја укина својата програма за „златна виза“ за инвеститори во недвижности.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот