X
 21.01.2025 Наука

Неидентификуваните летечки објекти ги загрозуваат пилотите - научниците дошле до револуционерно решение

На 10 август 2022 година пет пилоти од две различни комерцијални авиокомпании пријавија „неидентификувани летечки објекти“ (НЛО) над Тихиот Океан. Подоцна се покажа дека тие всушност ги виделе телекомуникациските сателити „Старлинк“.

Сателитите со ниска орбита, како „Старлинк“, често предизвикуваат конфузија кај пилотите бидејќи ја рефлектираат сончевата светлина и се појавуваат како необични светли точки на небото. Ваквите инциденти може да предизвикаат збунетост и да го одвлечат вниманието на пилотите за време на летот, што претставува потенцијален безбедносен ризик.

Главната причина зошто пилотите погрешно ги идентификуваат сателитите како НЛО е тоа што немаат пристап до податоци за позицијата на сателитот во реално време. Сателитите „Старлинк“, кои орбитираат на височина од околу 550 км, често ја менуваат позицијата и ја рефлектираат светлината на непредвидлив начин. Во моментов околу Земјата орбитираат повеќе од 6.000 сателити на „Старлинк“, а нивниот број се планира да се зголеми на 42.000, што ја зголемува потребата за подобри методи за идентификација.

Научници предводени од инженерот Даглас Џеј Бутнер од Универзитетот во Јута развиле систем кој овозможува симулација на прецизни сателитски локации. Користејќи астрометриска анализа и податоци за летот, тимот го реконструирал погледот од пилотската кабина во моментот на гледањето. Ова овозможува прецизно одредување на позицијата на сателитот и ја елиминира можноста за забуна.

Нивната техника, позната како „рендерирање со траси од зраци“, ги визуализира точките каде што пилотите ги гледаат сателитите низ прозорците на пилотската кабина. Симулациите покажале дека соларните панели на сателитот се позиционирани да ја рефлектираат сончевата светлина доволно јасно за да им го привлечат вниманието на пилотите.

Научниците предлагаат неколку чекори за намалување на ризикот од грешки:


-Пристап до податоци во реално време: пилотите треба да бидат способни брзо да ги идентификуваат сателитите преку информации за нивната позиција, орбита и време на лансирање.
-Автоматски системи за сликање: инсталирање камери во авиони кои автоматски собираат визуелни податоци за анализа на објекти на небото.
-Сателитски модели за контролорите на летање: Федералната управа за авијација на САД (ФАА) може да користи модели на сателитски движења за да ги извести пилотите.
-Соработка: Предложена е соработка помеѓу „Спејс-икс“, НАСА, НОАА и американската Вселенска команда, за да се подобри споделувањето на сателитски податоци.

Како јавноста може да го идентификува „Старлинк“

Обичните набљудувачи, исто така, можат да ги идентификуваат сателитите на „Старлинк“ користејќи страници како FindStarlink.com, кои обезбедуваат информации за позицијата на сателитот во одредено време и локација. Ова решение не само што ги намалува ризиците во авијацијата, туку придонесува и за подобро разбирање и попрецизно известување за неидентификуваните објекти на небото.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука