X
 18.10.2023 Наука

Вселенскиот отпад остава траги во атмосферата што може да бидат штетни

Ново истражување открива дека вселенскиот отпад ја загадува атмосферата на Земјата. Деловите од стари сателити и ракети кои горат во атмосферата оставаат мали траги на метали во неа. Не е познато какви се можните ефекти на овие метални траги, но се очекува нивното присуство да расте со зголемениот број сателити во орбитата.

До ова откритие дојдоа истражувачи водени од физичарот Даниел Марфи од Националната океанска и атмосферска администрација во САД. Истражувачите бараат истрага за ефектите на металните траги во атмосферата и проекции за нивната промена со текот на времето.

- Во моментов огноотпорниот материјал во стратосферските честички е главно железо, силициум и магнезиум од природен метеорски извор - пишува во трудот.

Меѓутоа, количеството на овие материјали се очекува драматично да се зголеми во следните децении, а не се познати последиците од тоа. Постојат повеќе можни ефекти, како начинот на кој водата замрзнува во стратосферата и промена на прекршувањето на светлината во стратосферата.

Во последно време голем дел од вселенските тела се дизајнирани за да изгорат во атмосферата кога ќе застарат наместо да паднат назад на површината.


Извор: Science alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука