X
 21.06.2026 Живот

Им плаќаа да имаат деца, а наталитетот повторно опадна: Зошто унгарскиот експеримент не успеа?

Во унгарскиот град Дебрецен, Барбара Елек и нејзиниот сопруг Леви со нетрпение очекуваат да дознаат дали Барбара е бремена по нивната трета рунда ин витро оплодување. Како и многу други млади унгарски парови, 33-годишната Барбара која е социјален работник, и 34-годишниор Леви кој е готвач, добиле десетици илјади евра бескаматни заеми и субвенции со ветување дека ќе имаат две деца. 

Меѓутоа, тие се соочуваат со предизвици Барбара да забремени природно, а доколку не докажат дека очекуваат дете до 1 ноември, можеби ќе мора да ги вратат заемите со казнени камати. Парот зел заем од 10 милиони форинти (околу 30.000 евра) со ветување за две деца, а според правилата на претходната унгарска влада, може да им биде побарано да вратат казнени камати од 1,5 до 3,5 милиони форинти (4.300-10.000 евра), што велат дека не можат да си го дозволат.

Во 2010 година, тогашниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, започна со едни од најамбициозните пронаталистички политики во светот, плаќајќи им на луѓето да имаат или да ветат дека ќе имаат деца. Стапката на фертилитет во Унгарија е далеку под нивото од 2,1 бебе по жена, потребно за одржување на стабилна популација. Дополнително, има високи нивоа на емиграција и ниска имиграција. 

Кога Орбан беше реизбран во 2010 година, стапката на фертилитет во Унгарија беше меѓу најниските во Европа. Неговата партија, „Фидес“, вети дека ќе се справи со опаѓањето на популацијата, нагласувајќи дека на „Западот, одговорот на ова е имиграцијата. Донесувате онолку колку што ви недостасуваат. Унгарците размислуваат поинаку. Нам не ни требаат бројки, ни требаат унгарски деца.“

Орбан, кој беше изгласан од функцијата во април оваа година, воведе широки даночни олеснувања, бескаматни заеми и субвенции за хипотеки за млади парови кои ветија дека ќе имаат деца. Имаше и субвенции за купување поголем автомобил или реновирање на домот. Овие стимулации беа достапни само за венчани, хетеросексуални парови и оние на формалниот пазар на труд.

Едно време, се чинеше дека сето ова ги поттикнува Унгарците да се размножуваат. Стапката на фертилитет се зголеми од 1,25 во 2010 година на 1,59 до 2020 година. Унгарија, за некое време, беше прогласена за голем успех од некои, особено од американските конзервативци. Но, потоа стапката на фертилитет почна да опаѓа и во 2025 година падна на 1,31, не многу повисока отколку кога овие стимулации првпат беа воведени.

- Судејќи според целите на политиките, ова е очигледен неуспех - вели Томас Соботка од Виенскиот институт за демографија.

Еден став е дека статистиките на Унгарија укажуваат на успех. Со опаѓањето на фертилитетот низ Европа во изминатата деценија, тие тврдат дека политиките на земјата можеби спречиле уште поголем пад. Фрузина Скрабски од про-семејната невладина организација „Три принца, три принцези“ верува дека без овие политики би имало стотици илјади помалку деца.

Мате и Аги Горонди, кои живеат во предградијата на Будимпешта, целосно се согласуваат. Тие имаат пет деца, сите под 10 години, и велат дека можеби ќе имаат повеќе, а тоа го припишуваат на семејно-пријателската средина во Унгарија. Парот ги искористил дарежливите надоместоци за породилно отсуство, бескаматните заеми за бебиња и субвенциите за реновирање на нивната куќа и купување поголем автомобил.

Други велат дека придобивките биле нееднакво распределени. Професор Јанош Тот, филозоф кој проучува демографски прашања на Универзитетот во Сегед, Унгарија, верува дека стимулациите особено добро функционирале за една одредена група - пониската средна класа во руралните области. Но, во градовите, каде што фертилитетот е најнизок, парите едноставно не се доволни. Тој верува дека „заемот за очекување бебе“ од 10 милиони форинти (29.500 евра) првично им помогнал на многу млади парови да основаат семејство, но растечката инфлација ја намалила неговата вредност. Според него, Унгарија треба да направи повеќе за да им помогне на луѓето да го добијат своето прво дете, наместо да се фокусира на убедување на оние кои веќе имаат деца да имаат повеќе.

Експертите, како Ева Фодор од Централноевропскиот универзитет, сметаат дека овие политики само го забрзале планираното раѓање кај одредени групи, без долгорочен ефект. Сличен тренд на пораст и пад е забележан и во земји како Чешка, кои не воведоа толку драстични мерки.

Критичарите нагласуваат дека финансиите не се единствената пречка. За многу родители, како Антонија Мишколци од Будимпешта, клучни се квалитетното здравство и образование, а не само еднократните исплати. Во меѓувреме, земји како Јужна Кореја трошат милијарди, но сепак бележат рекордно низок наталитет, додека нордискиот модел на споделено родителство и флексибилна работа се покажува како поотпорен на демографските кризи.

Во Унгарија, родовите улоги станаа поригидни, а работната средина останува нефлексибилна за родителите. Иако владата на Виктор Орбан троши околу 5 отсто од БДП на овие мерки, податоците на Унгарската национална банка покажуваат дека секој петти пар кој зел заем останал без деца, со што многу семејства се најдоа во тешка финансиска состојба наместо да ја добијат ветената поддршка.

Извор: ВВС
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот