X
 21.08.2018 Наша тема

За да студира Македонец во ЕУ-земја, треба да плати и до трипати поскапа школарина, освен ако не се усреќи да добие стипендија

И покрај условите, за нашите студенти што студираат надвор од Македонија, според Евростат, универзитетите од ЕУ сѐ уште се најпосакуваната дестинација – вели Марјан Степановски, повисок истражувач во Еуротинк - Центарот за европски стратегии

Отсекогаш сум сакала да одам на последипломски студии надвор од мојата Македонија. Разгледувајќи ги програмите што ме интересираа, во Европа, забележав еден интересен „феномен“. Достапни цени, сѐ додека не прочитав повеќе информации и увидов дека за држави надвор од ЕУ се плаќа најмалку двојно, а во некои случаи и трипати повеќе од граѓаните на таа држава и оние што веќе се во европското семејство. Сосема се согласувам дека домашното население треба да ужива многу бенефити од сопствената држава, а странците помалку, но, сепак, плаќање дупло е многу – вели млада академска граѓанка од Битола, која од септември ќе следи мастер-студии на универзитет во Лондон.

Сиромашните секогаш повеќе плаќаат

Ако сте жител на ЕУ-земја, на факултет или на мастер-студии ќе платите една цена, а доколку доаѓате од земја што не е во ЕУ, како што е нашата, таа цена ќе биде два или трипати поголема. Факултети.мк ви споделува искуства на наши постдипломци на странски универзитети.

- Цени од 400, 800 евра се ситница. Но,  7-8.000 евра или фунти е премногу за наш стандард. Нашите месечни примања во Македонија ретко кога достигнуваат до таа фамозна бројка од 1.000 евра. Споредете ги нашите речиси 1.000 сосе пензиите од бабите и дедовците со индивидуалните месечни примања од 1.500 евра на жител на ЕУ. Нема споредба. Па зошто таква дискриминација? Што се повеќе граѓаните од ЕУ од нас, Македонците? Ама од сето мое искуство се покажало дека сиромашните секогаш плаќаат повеќе. Искрено, не разбирам, зошто е разликата толку огромна – вели таа.


На факултетот кај што аплицирала нуделе 20-ина различни стипендии за луѓе од Африка, Кина, ЕУ итн., ама не и за студенти од Македонија.
- За жал, не сум се запишала на некој од техничките факултети или бизнис и менаџмент, можеби светот повеќе ќе ме сакаше. Морам да споменам дека и сите документи што ми ги бараат и факултетот и амбасадата при апликацијата за виза се дополнителен трошок. 15 различни документи да се извадат, да се преведат и да се заверат кај нотар - многу пари. Мило ми е што приемниот испит ми беше прелесен затоа што професорите во Скопје добро ме научиле. И да не заборавам, администрацијата секаде во светот е иста, само на различен јазик – вели младата битолчанка.

Малку повеќе среќа имала девојка од Скопје што дипломирала на Машинскиот факултет во Скопје и добила стипендија на Приватна академија за дизајн во Милано. Таа моментално ги привршува мастер-студиите.

- Бидејќи веќе ја имам добиено највисоката стипендија што ја дава факултетот, која покрива 60 отсто од студиите, немам право да аплицирам за дополнителната стипендија, наменета за животни трошоци, која обично ја добиваат студенти што не се од ЕУ. Без стипендија, мастер-студии од две години чинат околу 30.000 евра, а доколку доаѓам од држава-членка на ЕУ, би плаќала 10.000 евра помалку – вели Ристовска.

Македонските студенти, за жал, се водат во трета категорија

Го консултиравме Марјан Степановски, постар истражувач во „Еуротинк“, Центар за европски стратегии, кој објаснува дека членките на Унијата своите образовни системи и политики ги дизајнираат на национално ниво и тие прават дистинкција помеѓу домашните, ЕУ-студентите и студентите од трети земји.

- Ваквата генерална политика кон трети држави што не се во ЕУ резултира со ваквите големи разлики во цените на школарините. Иако има одредени исклучоци за лица со регулиран престој во Унијата, услови што зависат од самата земја-домаќин, македонските студенти, за жал, се дел од третата категорија – други. И покрај овие услови, за македонските студенти што студираат надвор од Македонија, според Евростат, универзитетите од ЕУ сѐ уште се најпосакуваната дестинација – категоричен е Степановски.

Марјан Степановски

И покрај разликите во школарините, тој посочува дека постојат низа програми и стипендии што им се достапни само на најталентираните кандидати, кои се во игра со кандидати од целиот свет под висококонкурентни услови.

- Начелата за додадена вредност и извонредност кои ЕУ ги протeжира во своите политики, очекувано, се нагласени во образовните политики каде што конкуренцијата е исклучителна. Дополнително, преку дел од програмите на Унијата се овозможуваат различни мобилности и обуки преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која е акредитирана на ниво на агенциите на земјите-членки на ЕУ. „Еразмус плус“ нуди палета можности за образование и градење вештини – вели тој.

Степановски смета дека на македонските студенти многу би им се олеснило кога нашата држава би влегла во Унијата.
- Моментално, македонските студенти и истражувачи имаат можност да останат во земјата во која студирале и по завршувањето на студиите или истражувачката мисија, со што и се стекнуваат со право да работат со скратено работно време во некоја од земјите на Унијата. На овој начин се олеснува привлекувањето на исклучителен високообразован кадар што придонесува во етаблирањето на ЕУ како најконкурентен пазар на знаење. Бидејќи ова прашање е поврзано со т.н. одлив на мозоци, Република Македонија треба сериозно да почне да размислува стратешки и да создава услови за унапредување на човечкиот капитал, особено соочена со предизвиците кои допрва произлегуваат со евентуалното членство во ЕУ – посочува Степановски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема