X
 21.09.2021 Живот

107-годишни сестри од Јапонија се најстарите идентични близнаци

107-годишни јапонски сестри штотуку влегоа во Гинисовата книга на рекорди како најдолговечни идентични близнаци.

Умено Сумијама и Коуме Кодама биле родени на 5 ноември 1913 година на островот Шодо во Западна Јапонија. Тие пораснале во семејство со 11 деца. Биле разделени како деца и ретко се гледале до 70-годишна возраст.

За организацијата што стои зад Гинисовата книга на рекорди раскажале дека биле исмевани на училиште поради тоа што биле близначки. Кога завршиле основно образование, Кодама била испратена да работи како домашна помошничка на друг остров, а Сумијама подоцна се омажила на островот на кој се родила.

Кодама се омажила на друго место и биле оддалечени 300 километри, па затоа многу ретко се гледале. Кога наполниле 70 години, повторно се поврзале и почнале повеќе да се дружат.


Фото: Guinness World Records

Сега живеат во посебни домови за стари лица, а според нивните семејства, често се шегувале дека сакаат да го срушат рекордот за најдолговечни идентични близначки во светот.

Во Јапонија околу 28 отсто од населението имаат над 65 години, според податоци од Светската банка. Земјата има најмногу стогодишници во однос на вкупниот број жители. Заклучно со 15 септември, во Јапонија има дури 86.511 стогодишници. Ова е зголемување за 6.060 од претходната година.

Најстарата жена во Јапонија е Кана Танака, која на 13 септември наполни 118 години. Таа е и најстара личност во светот. Најстар маж во Јапонија е Микизо Уеда, кој има 111 години.

Извори: Insider | National Geographic
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот