X
 21.09.2025 Живот

„Герника“ на Пикасо - антифашистички мурал што стана светски антивоен симбол

Во познатата приказна за „Герника“, трогателниот антивоен мурал на Пабло Пикасо од 1937 година, офицер од Гестапо влегува во студиото на сликарот во Париз и го прашува: „Дали вие го направивте тоа?“, на што Пикасо остро одговара: „Вие го направивте“.

Насловот се однесува на бомбардирањето на баскиски град во 1937 година за време на Шпанската граѓанска војна, извршено од шпанските националисти и Луфтвафе (името на военото воздухопловство на германскиот Вермахт пред и за време на Втората светска војна). Дали анегдотата за Пикасо и нацистите навистина се случила или не, не е важно – сепак, таа го опфаќа гневот на уметникот поради злосторствата на војната и преземањето на неговата земја од страна на националистите на диктаторот Франциско Франко.

- „Герника“ имаше навистина уникатен однос со Пикасо и неговиот живот. На некој начин тоа беше неговото алтер его - истакнала историчарката на уметност Патриша Фејлинг.

Ова е смело тврдење со оглед на тоа дека во текот на поголемиот дел од кариерата Пикасо генерално ја избегнува политиката и отворено ја презира политичката уметност. Сепак, по изложбата на муралот во Шпанскиот павилјон на Светскиот саем во Париз во 1937 година, сликата била испратена на турнеи низ Европа и Северна Америка за да се подигне свеста за заканата од фашизмот.

Во 1939 година, по падот на Мадрид, уметникот изјавил:

- Сликата ќе ѝ биде предадена на владата на Шпанската Република на денот кога Републиката ќе биде обновена во Шпанија!

Потоа, речиси 30 години подоцна, во изненадувачки ироничен пресврт, Франко започнал кампања за репатријација на сликата, уверувајќи го Пикасо дека шпанската влада нема забелешки за контроверзната тема. Преку своите адвокати Пикасо ја одбил понудата, јасно ставајќи до знаење дека „Герника“ ќе биде предадена само кога демократијата и јавните слободи ќе бидат обновени во Шпанија.

Пикасо починал во 1973 година и никогаш не ја видел својата земја ослободена од фашизмот. Франко починал две години подоцна. Сликата не била изложена во Шпанија сè до 1981 година – сликата станала меѓународна икона која издржала 44 години егзил и прераснала во моќен антивоен симбол за време на Виетнамската војна, а преживеала и вандализам една година по смртта на уметникот.

Во видеото „Големата уметност - објаснета“ приложено погоре, Џејмс Пејн разгледува некои од попризнатите толкувања заедно со техники, композиција и уметничка инспирација, како што се наведува во описот на видеото.


- Сите знаеме дека уметноста не е вистина - рекол Пикасо, постојано обесхрабрувајќи ги уредните толкувања на „Герника“ како директна протестна слика.

„Уметноста е лага што нè тера да ја сфатиме вистината“. Што сфаќаме кога стоиме пред муралот? Зависи од нашата состојба на умот, би можел да каже уметникот.

Извор: openculture.com

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот