Директорот на американската Комисија за хартии од вредност, Гери Генслер, испрати загрижувачко предупредување во врска со вештачката интелигенција и финансиските пазари. Генслер истакна дека вештачката интелигенција брзо и силно навлегува во финансиската индустрија, но дека, според него, тоа веројатно нема да има позитивно влијание.
Речиси е неизбежно вештачката интелигенција да доведе до следната финансиска и економска криза, рече Генслер и ги повика регулаторите да преземат навремени мерки за намалување на ризиците што вештачката интелигенција може да ги предизвика во финансискиот сектор. Тој објасни дека неговата најголема грижа е што технолошките компании развиваат модели за вештачка интелигенција насочени кон финансиската индустрија без надзор од финансиските регулатори.
Ако финансиските фирми на крајот почнат да ги користат овие модели, тоа би можело да значи дека ќе почнат да ги носат истите одлуки во исто време, што може да доведе до потенцијална пазарна катастрофа. Тој додава дека не знае дали тоа ќе се случи на берзата или можеби на хипотекарниот пазар.
Големи финансиски компании како „Морган Стенли“ и „Голдман Сакс“ веќе активно користат вештачка интелигенција во истражување или при дизајнирање теми за разговор со клиентите или при помош на клиентите во инвестирањето.
Извор:
Zimo
Насловна фотографија: Pixabay