X
 22.02.2023 Живот

Здравствени работници протестираа пред Клинички центар и „8 Септември“ во Скопје

Здравствени работници претпладнево, во текот на паузата, протестираа пред Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ во Скопје барајќи покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата. Освен во Скопје, истовремено протести се одржаа и во други градови низ државата.

- Согласно европското законодавство, овој упад со нацрт-законот за плати, во колективните договори, може да значи укинување или намалување на правата на работниците пропишани согласно овие колективни договори. За година од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри, се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март уште повеќе ќе се доближат другите профили до профилот медицинска сестра - изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.

Еден искусен технички персонал со подолг стаж, укажа таа, ќе зема поголема плата од медицинска сестра. Да не бидам погрешно разбрана. Дефицитот не е само кај здравствените работници, туку и во другите профили.

Таа информира дека е голем одливот на медицински сестри, пет до шест илјади ја напуштиле земјава во последниве три до пет години.

Согласно податоците од Комората на лекари, како што беше нагласено на протестот пред Клиничкиот центар, 2.200 лекари во последните три години ја напуштиле државата.

Русе Пецаноски од овој синдикат истакна дека протестот е израз на незадоволство поради тоа што за три години платите биле покачени само 5 проценти. Негодување, како што рече, имало и поради пензионирања на околу 180 врвни стручни лица кои немале право да продолжат со работа.

Пораки за зголемување на платите беа упатени и на протестот пред ГОБ „8 Септември“.

- Да го изразиме незадоволството поради доцнењето на платата. Продолжуваме со притисокот, незадоволни што уште не е потпишан анексот за покачување на платите во здравствената дејност. Тоа е основата на протестот, да го свртиме вниманието на надлежните - информира Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот