X
 22.03.2023 Живот

„Продавница на чесноста“ во Швајцарија - земаш што ти треба и оставаш пари

На швајцарските Алпи, на надморска височина од 1.370 метри, се наоѓа малото село Гимелвалд, со само 130 жители. Некои од жителите се земјоделци, некои работат во туризмот, а некои и во двете гранки. Можеби поголемиот дел од светот никогаш немаше да дознае за овој мирен планински рај доколку во ова село не се наоѓаше првата „продавница на чесноста“ - продавница во која сопствениците им веруваат на клиентите дека ќе платат за она што ќе го земат.

- Нашата „продавница на чесноста“ е првата селска продавница во Европа која целосно се потпира на доверба и чесност. Без продавачи, без камери, без чувари. Влезете, одберете што ви треба, оставете пари во пликот и ставете го пликот во „кутијата за чесност“. И чувствувајте се добро - пишува на веб-страницата на хотелот „Пеншн Гимелвалд“ во кој е отворена продавницата.

Сопственикот на хотелот, Дејвид Вотерхаус, е Англичанец кој буквално пешачел до Гимелвалд во 2008 година кога бил дел од планинарска тура и оттогаш не си отишол од селото. Искусниот туристички претприемач купил хотел кој бил затворен две години, го преправил и го претворил во познато место за планински одмор. Сакал да отвори и дуќан, но во тој момент не можел да си дозволи да му плати на продавачот. И така се родила идејата за „продавница за чесноста“.

1
Фото: Facebook, The Honesty Shop

На почетокот планирал да нуди само сувенири, но со текот на времето ја проширил понудата, па вклучил храна и пијалаци. Ништо големо или скапо. Како што еднаш изјави во интервју, загубите поради кражба всушност се помали отколку во обичните британски супермаркети, понекогаш исчезнувало нешто ситно како чоколадо. Повеќето клиенти оставаат дури и повеќе пари од бараната цена, некои затоа што им се допаѓа целиот концепт и сакаат да го наградат, други затоа што немаат точна сума на пари, па заокружуваат до одредена бројка. Сè на сè, работата функционира и Вотерхаус докажа дека луѓето во основа се чесни.

Инспирирана токму од Гимелвалд, своевремено „продавница за чесноста“ постоела и во Лондон. Сместена во црвен двокатен автобус стар 50 години, а во него се продавале разни сувенири и дел од парите од продажбата биле донирани во хуманитарни цели.

Слична продавница постои во Шкотска, на островот Кана. Таму локалната продавница отсекогаш работела на принципот на чесност, а отворена е и навечер за рибарите да можат да го добијат она што им треба во секое време од денот или ноќта. Работата функционирала совршено до 2015 година, кога продавницата била ограбена, првпат по 50 години.

По идејата од Швајцарија, слични продавници се отворија на различни локации низ светот, некои како привремени експерименти, други како постојани продавници.



Извор: Putnikofer.hr
Фото: Facebook, The Honesty Shop
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот