X
 03.11.2017 Култура

Неверојатна идеја за привлекување туристи

1
Фото: australscope

Најмалото планинско село во Швајцарија е претворено во џиновски хотел за да се спаси од исчезнување.

Локалните жители од планинското селце Корипо, кое се наоѓа во кантонот Тичино, сфатиле дека наскоро ќе исчезне со оглед на тоа што останале само 13 жители.

Селцето, чија надморска височина е 600 метри, некогаш било просперитетна заедница со своите мали плоштади и малечка црква и население од 300 луѓе. Градоначалникот Клаудио Сетрини, кој на возраст од 54 години е единствениот што не е пензиониран, се повлекол од неговата канцеларија заедно со уште две жени од селската администрација на возраст од 67 и 82 години.

Сите тројца изјавиле дека се повлекле поради недостиг на мотивација. А наскоро, едно тричлено семејство планира да се пресели, така што селото ќе остане само со 10 жители.

1
Фото: australscope

За да го спаси селото од целосно исчезнување, фондацијата наречена „Корипо 75“ лансирала туристички проект за реструктурирање.

Селото има прекрасни камени куќи, тесни улички и високи планински предели и наскоро ќе биде претворено во еден голем хотелски комплекс наречен „Алберго Корипо“. Ресторанот на главниот плоштад ќе биде претворен во хотелска рецепција, а камените колиби ќе бидат претворени во хотелски соби. Фондацијата го започнала проектот пред неколку години и оттогаш презела сопственост на десетици куќи во селото.

„Секоја традиционална куќа ќе го добие името на семејството што некогаш живеело во неа, а карактеристиките на традиционалниот начин на живот ќе останат непроменети“, вели претседателот на Фондацијата и архитектот Фабио Џакомоци.

2
Фото: australscope

Неговиот план е и да ја поправи старата мелница, а планира да засади полиња со ’рж.

„На овој начин Корипо ќе прави свој леб, како што правеле и нашите прататковци“, вели тој.

Другите планови вклучуваат превоз на гостите до најблиската автобуска станица, планирани екскурзии во природа, посети на музеи и часови за готвење.

„Ресторанот ќе биде поголем. Тука не само што ќе се служи појадок туку и ќе биде понуден полупансион“, вели Клер Амштац, која управува со ресторанот. Таа е убедена дека традиционалното искуство од Корипо ќе биде хит меѓу швајцарските државјани што зборуваат германски јазик.

3
Фото: australscope

Ноќевање во селото ќе биде прифатливо и покрај генерално високите цени во Швајцарија. Според локалните медиуми, фондацијата планира цена од 130 до 157 долари за една ноќ, со вклучен појадок.

Се очекува селото да биде отворено за посетители до пролетта 2018 година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура