X
 22.07.2025 Живот

Бронзен медал за Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки

Македонските информатичарки трета година по ред го најавуваат успешното учество за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика. На петтата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која од 14 до 20 јули се одржа во Бон, Германија, нашите ученички остварија уште еден одличен резултат, освојувајќи еден бронзен медал. 

Бронзениот медал за Македонија на ова значајно меѓународно натпреварување го освои Сара Стефановска од Крива Паланка, а достоен резултат постигна и Антонела Владева од Свети Николе, освојувајќи олимписка пофалница. И другите две членки на македонскиот тим, Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица, имаа солидно претставување. Вклучувајќи го и овој бронзен медал, македонските ученички на досегашните пет изданија на ЕОИД имаат освоено вкупно 1 сребрен и 7 бронзени медали.

Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), факултет кој со своите ресурси редовно ги поддржува активностите на Здружението на информатичарите на Македонија и организацијата на натпреварите по информатика. Оваа година се одржа 36. циклус на натпревари преку кој беа избрани и учесничките за оваа олимпијада. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е натпревар во програмирање наменет само за средношколки од државите во Европа кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Целта на ЕОИД е да го поттикне учеството и присуството на девојките во областа на информатиката, овозможувајќи простор каде што талентираните ученички можат да ги демонстрираат своите способности и да се натпреваруваат на меѓународна сцена.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот