X
 21.07.2023 Живот

Македонски средношколки освоија два бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки

Македонските информатичарки успешно го започнаа годинешното учество на меѓународни олимпијади по информатика за Македонија. На третата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023), која од 15 до 21 јули се одржува во Лунд, Шведска, нашите ученички имаа уште едно успешно претставување освојувајќи два бронзени медали

Бронзените медали за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување ги освоија Софија Велковска од Скопје и Јована Трифуноска од Тетово, а солиден резултат постигнаа и другите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Атина Рувинова од Охрид. Тимот е раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Ученичките беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34. пат. Вклучувајќи ги овие два медалa, македонските ученички на трите досегашни изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 4 бронзени медали, што претставува успех со кој можат да се пофалат релативно мал број земји учеснички на олимпијадата.



Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно млад натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Примарна цел на оваа олимпијада е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се забележливо помалку присутни на редовните меѓународни олимпијади по информатика. Форматот на натпреварување е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање соодветни ефикасни алгоритми.

Секоја земја членка на ЕОИД-заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик-лидер на тимот. На ЕОИД 2023 учествуваат вкупно 127 учеснички од 36 европски земји, а како претставници на земји гости, во неофицијална конкуренција, учествуваат и 62 ученички од 16 земји надвор од европскиот континент (како Бразил, САД, Египет, Индија, Саудиска Арабија и др.). Успехот на нашиот тим, со освоените два бронзени медалa во ваква силна конкуренција, е навистина голем и заслужува почит.



Следната, четврта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024) ќе се одржи идната година во Ајндховен, Холандија. Следен настан што им претстои на македонските ученици – информатичари е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сегедин, Унгарија, кон крајот на август.

Фото: приватна архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот