Неколку европски земји планираат да ја признаат Палестина како држава во Обединетите нации. Израел и сојузниците велат дека тоа е „политички театар“. Поддржувачите на правата на Палестинците велат дека формалното признавање е само првиот чекор.
Денеска Генералното собрание на ОН во Њујорк ќе одржи специјален самит за војната во Појасот Газа. Ова е продолжение на дипломатскиот проект предводен од Франција и Саудиска Арабија за оживување на решението со две држави, според кое Израелците и Палестинците би постоеле едни до други, како единствениот одговор на деценискиот конфликт.
Неколку земји најавија дека на денешниот состанок ќе им се придружат на повеќе од 145 членки на ОН кои веќе ја признале Палестина како држава. Меѓу оние што го најавија овој чекор се Франција, Канада, Велика Британија, Белгија, Австралија, Луксембург и Малта.
Поголемиот дел од неодамнешните европски декларации за признавање на палестинската држава се резултат на воената кампања на Израел во Газа, во која, според Министерството за здравство водено од Хамас, се убиени повеќе од 65.000 лица, иако меѓународните истражувачи проценуваат дека бројката е многу повисока. Минатата недела Независната меѓународна истражна комисија при ОН и официјално заклучи дека Израел врши геноцид во Газа. Израел и САД, кои се сојузници, го отфрлија овој и другите извештаи во кои се носи истиот заклучок и ги осудија плановите за признавање на Палестина како држава, тврдејќи дека тоа би било „награда за теророт“ - што се однесува на нападите на 7 октомври 2023 година извршени од Хамас, во кои загинаа речиси 1.200 лица и ја предизвикаа израелската воена кампања во Газа.
„Само политички театар“
Дури и поддржувачите на Палестинците велат дека признавањето на Палестина како држава нема да е доволно ако не се искомбинира со дејствување.
- Западните држави прават симболични гестови, додека Палестинците се оставени без правда и државност, со сè поголем јаз меѓу реалноста што ја живеат и меѓународните перформанси - истакна минатиот месец Инес Абдел Разек, директорка за застапување во Палестинскиот институт за јавна дипломатија, со седиште во Рамала, на окупираниот Западен Брег.
Минатата недела Овен Џонс, колумнист за „Гардијан“, напиша дека секое дејство преземено против Израел е перформативно со цел да се придушат повиците за акција од јавноста.
Постои и загриженост за тоа како Израел ќе реагира на новите признавања.
- Премиерот Бенјамин Нетанјаху има долга историја на пркосење на другите членови на ОН. Едно сценарио што ги загрижува дипломатите е дека Нетанјаху, кој изјави дека нема да има палестинска држава, во неговиот говор би можел да одговори на процесот на признавања со најавување планови за формална анексија на делови од палестинската територија - истакна Ричард Гован, директор на ОН за тинк-тенкот Меѓународна кризна група.
Може ли признавањето да донесе мир?
Јасно е дека само признавањето на Палестина како држава нема да ја запре војната во Газа. Всушност, како што посочуваат правните експерти, ова се одделни прашања. Без оглед на тоа дали Палестина е држава или не, меѓународното право веќе ги обврзува другите нации да направат сè што можат за да запрат претпоставен геноцид.
Она што признавањето на палестинската држава може да го направи е да даде посилни аргументи за прекин на огнот во рамките на постојните меѓународни дипломатски, бирократски и правни структури.
Египетскиот политички аналитичар Омар Ауф неодамна посочи дека палестинските претставници се обиделе да пристапат кон Женевските конвенции во 1989 година, но биле одбиени од Швајцарија бидејќи, како што рекле Швајцарците, постоела „неизвесност“ околу постоењето на палестинска држава.
Минатиот месец Номи Бар-Јаков, мировен преговарач во Женевскиот центар за безбедносна политика, за „Дојче веле“ изјави дека признавањето не менува ништо во моментот, но им дава на Палестинците многу поголем удел во преговорите бидејќи кога има преговори држава против држава, не е исто со преговори меѓу држава и непризнаена држава или држава што е само ентитет.
Билатералното признавање може да се смета за форма на дипломатско унапредување. Земјите што ја признаваат Палестина како држава, на пример, Франција или Белгија, мораат да ги преиспитаат врските со Палестина и да ги проценат правните обврски кон неа. Затоа тоа може да доведе и до преиспитување на врските и со Израел, сметаат експертите.
Но, ова мора да биде придружено од практични чекори, смета Хју Ловат од Европскиот совет за надворешни односи.
- Признавањето можеби ќе значеше крај на приказната и пред три години. Но, мислам дека поради тоа што нештата се променија толку драматично во однос на јавно и политичко мислење, веќе не е прашање дали ја признавате Палестина или правите нешто друго - истакна тој.
Ловат додаде дека во моментов симултано напредуваат повеќе мерки и тоа е одраз на тоа како јавното мислење низ политичкиот спектар се сменило од 2023 година.
- Признавањето треба да се гледа како траекторија на патување. Може нема утре да стасаме таму, но траекторијата е јасна - вели тој.
Извор:
Deutsche Welle
Фото: Freepik