X
 12.02.2020 Живот

Држава со најсреќни луѓе на светот, а многумина не знаат ни дека постои

Едно од најсреќните места на Земјата се наоѓа во средината на Тихиот Океан, пишува Би-би-си. Станува збор за Вануату, земја која се состои од над 80 острови и се наоѓа на околу 2.000 километри источно од Австралија. Според истражувањето „Индекс за среќна планета“, граѓаните на оваа држава се меѓу четирите најсреќни на светот, а се најсреќна нација надвор од Америка. Рангирањето се базира на општото добро на луѓето, животниот век и благосостојба, и секако екологијата.

Што ја прави оваа мала нација толку среќна? Уште од прогласувањето независност од владеењето на Французите и Британците, во 1980 година, целата територија на Вануату му припаѓа на домашното, мнозинско население и не може да се продаде на странци. Истражување од Националниот завод за статистика во Вануату во 2011 година открило дека луѓето што имаат пристап до земјиште во просек се посреќни од оние што немаат. Денес, околу три четвртини од 298.000 жители живеат во рурални области, а повеќето имаат пристап до земјиште каде што можат да одгледуваат добиток и храна.


Истото истражување покажало дека добитокот и кафето се лесно достапни во Вануату и се разменуваат без пари.

Другиот извор на среќа е нивната строга врска со традицијата и разновидноста на пејзажот на архипелагот, кој се движи од карпести планини до корални гребени. Името Вануату значи „наша земја засекогаш“ и е дом на 139 домородни јазици кои ги зборуваат жителите, што го прави народ со најмногу јазици во светот. Домородните јазици се основни јазици што ги зборуваат околу 92 отсто од луѓето. Покрај тоа, поголемиот дел од населението има добро или умерено познавање на традиционалните циклуси на садење, семејна историја и важноста на локалната флора и фауна.


Сепак, оваа земја се соочува и со предизвици. Сместена во огнена зона на Тихиот Океан, Вануату е подложна на природни непогоди, а во последните години ѝ се заканува и пораст на нивото на морето и промена на временските услови. Всушност, овој архипелаг се смета за најзагрозената држава во светот поради природните опасности, според извештајот од 2014 година на Обединетите нации. Во 2015 година циклонот „Пам“ погоди голем дел од островите од оваа држава, предизвикувајќи огромни штети и оставајќи 75.000 луѓе без нивните домови. Сепак, и покрај огромната штета, жителите брзо почнале со обнова на селото, покажувајќи силен отпор кон катастрофите што ги затекнале.

Извор: BBC
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот