Анализа спроведена врз речиси 500.000 лица открила генетски разлики засновани на полот кои можат да го објаснат поголемото присуство на депресија кај жените.
Жените имаат поголем генетски ризик за појава на голема депресија отколку мажите, според истражување за половите разлики во генетиката на ова нарушување.
Истражувањето, спроведено од Австралискиот институт за медицински истражувања „КИМР Бергофер“, објавено во списанието „Нејчр комуникејшнс“, ги анализирало генетските податоци на речиси половина милион луѓе.
Научниците откриле 16 генетски варијанти поврзани со депресијата кај жените и осум кај мажите, меѓу кои и една новооткриена варијанта на Х-хромозомот.
Наодите посочуваат дека иако депресијата во голем дел има заедничка генетска основа кај двата пола, жените носат поголем товар на генетски ризик. Тоа може да помогне во објаснувањето зошто ова нарушување е почесто кај жените на глобално ниво.
Исто така, истражувачите откриле дека некои генетски варијанти различно влијаат врз други здравствени проблеми кај мажите и жените вклучувајќи ги и метаболните симптоми, кои се почести кај жените со депресија.
Резултатите истакнуваат дека генетската структура на депресијата се разликува помеѓу мажите и жените, а разбирањето на тие разлики би можело да доведе до подобра дијагноза и поефикасно лекување, се наведува во истражувањето.
Извор:
Аvaz.ba
Фото: Freepik