X
 22.12.2020 Живот

Пандемијата ги зголеми домашните обврски на жените

Пандемијата на коронавирусот ги погоди речиси сите во светот, но влијанието не е еднакво. Нов извештај од Обединетите нации (ОН) покажува дека на мажите и жените им се зголемиле неплатените обврски за време на пандемијата, но жените носат поголем товар од мажите.

Дури и пред пандемијата жените трошеле во просек три часа повеќе од мажите на домашни обврски, грижа за децата и чување постари блиски лица. Ограничувањата за време на пандемијата го зголемиле времето кое се троши на овие обврски. Речиси една третина од жените во извештајот изјавиле дека трошат повеќе време готвејќи и служејќи оброци, во споредба со помалку од една петтина од мажите. Половина од мажите изјавиле дека вообичаено воопшто не учествуваат во подготовката на храната.


Фото: Pixabay

Се добива слична слика кога се гледа на обврските поврзани со грижата за децата. Извештајот од ОН, кој бил спроведен од „Ипсос“ во 16 држави, покажал дека пред пандемијата жените поминувале просечно 26 часа неделно грижејќи се за децата, во споредба со 20 часа неделно кај мажите. Ова време се зголемило за 5,2 часа кај жените, а само за 3,5 часа кај мажите. Просечната жена сега поминува речиси полно работно време грижејќи се за децата.

Во извештајот се покажуваат и регионални разлики, со тоа што најголем пораст во неплатените обврски има во Латинска Америка, Азија и во Африка. Ефектот на пандемијата не само што го стопирал, туку и поништил дел од напредокот во родовата еднаквост направен во минатото.


Фото: Pixabay

Се претпоставува дека над 28 милиони жени на возраст над 25 години не се на пазарот на труд во 55 земји со висок или среден приход последната година, во споредба со 24 милиони мажи. Се проценува дека поради пандемијата, уште 47 милиони жени и девојки ќе станат екстремно сиромашни до 2021 година.

Одредени земји работат на намалување на родовата нееднаквост, како Аргентина, која го зголеми детскиот додаток, и Италија и Белгија, кои ги зголемија програмите за платено родителско отсуство.

На глобално ниво, се проценува дека жените трошат вкупно 16 милијарда часови на неплатени домашни обврски. Ова е еквивалентно на една десеттина од светското економско производство.

Автор: Алекс Торнтон
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот