X
 10.04.2022 Култура

Некои од најсмртоносните самураи биле жени

Приказната за легендарниот јапонски самурај не ѝ недостига на модерната поп-култура, но повеќето од овие приказни се фокусираат само на мажите. Спротивно на популарното верување, имало и женски самураи и тие биле исто толку жестоки и вешти како и нивните машки колеги.

Овие смртоносни воини наречени „она бугеиша“ (onna bugeishа) биле обучени за борба, самоодбрана и вешто ракување со оружје.

Оружјето што најчесто го користеле било јапонско сечило со долги дрвени рачки наречено нагината. Исто така, тие биле обучени и во уметноста на борба со ножеви, користејќи кама позната како каикен.

Истите стандарди важеле за машките и женските самураи и од нив се очекувало да ги извршуваат истите должности, па затоа често се бореле рамо до рамо.

Некои од женските членови на класата самураи што станале познати биле Томое Гозен и Хангаку Гозен.

Томое Гозен, најпозната по својата лојалност и храброст, се борела во битката кај Аваза во 1184 година.

1
Фото: Wikipedia

Томое била особено убава, со светла кожа, долга коса и шармантни црти на лицето. Таа била и неверојатно силен стрелец, како мечувалец била воин достоен за илјада други, подготвена да се соочи со демон или бог, на коњ или на нозе. Со нескротливи коњи се носела со неверојатна вештина; без никакви повреди јавала на опасна падина.

Хангаку Гозен, која некогаш командувала со армија од 3.000 војници во одбрана на 10.000 војници лојални на кланот Хоџо, во јапонската литература е опишана како „бестрашна како маж и убава како цвет“.

Наместо да одат на бојното поле, други жени самураи биле задолжени да ги заштитат своите домови. Тие биле обучени да бидат умешни во употреба на оружје што би било ефективно во одбраната од напаѓачи на коњи.

Пишаните прикази за „она бугеиша“ во украсен оклоп водејќи групи жени вооружени со нагинати се појавуваат до периодот сенгоку (средината на 15 - почетокот на 17 век).

Археолошките докази, колку и да се скромни, укажуваат на поголемо учество на жените во битки отколку што може да се заклучи само од пишани извори - напишал историчарот Стивен Турнбул во книгата „Жени самураи 1184 - 1877“.

2
Фото: Wikipedia

Меѓутоа, на почетокот на 17 век (периодот едо) дошло до огромна промена во положбата на жената во јапонското општество. Новиот општествен поредок и доаѓањето на мирот ги принудиле „она бугеишите“ да претрпат радикална промена на статусот од застрашувачки воини во покорни сопруги и мајки.

Од нив се очекувало да живеат живот со пасивна послушност, а на ќерките на благородниците и генералите на крајот им било забрането не само да учествуваат во битки, туку и да патуваат.

Интересно е тоа што во средината на 17 век, под авторитарното владеење на Токугава, низ целата империја биле отворени училишта кои ги учеле жените на уметноста на нагинате како метод на морално учење.

1
Накано Такеко/Фото: Wikipedia

Иако потребата за борачки вештини била значително намалена, сепак, се очекувало жените да бидат подготвени да го одбранат својот дом или село доколку има немири во текот на ноќта или ако се појави некој сомнителен карактер.

На крајот на 19 век, Накано Такеко ја предводела специјалната група жени воини наречена Џошитаи. Накано, која исто така управувала со нагинате, убила 172 самураи. Таа била убиена од куршум додека водела напад против трупите на Империјалната јапонска армија од областа Огаки.

parada
Eсенскиот фестивал Аизу/Фото: Wikipedia

Активностите на Накано и нејзините женски борци Џошигуна и денес се слават за време на годишниот есенски фестивал Аизу. Секоја година во септември група млади девојки кои носат хакама и широ ленти за глава учествуваат во поворка во нивна чест.

Извор: Lola Magazin
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура