X
 23.01.2025 Наша тема

Интервју со проф. д-р Борче Треновски: „Академската заедница треба да биде активен учесник во креирањето нови идеи и решенија за актуелните национални проблеми“

Проф. д-р Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ ѝ е познат на јавноста како еден од најактивните претставници на академската заедница. Автор е на 4 книги, над 165 публикации, учесник во над 100 проектни активности, многубројни едукации, подготовка на стратешки документи, добитник на многу признанија, секогаш отворено дискутирајќи ги предизвиците со кои се соочува нашата економија - па затоа решивме со него да ја продискутираме улогата на академската заедница во развојот на нашето општество - што може и што треба да преземе академската заедница за да ја оправда својата улога.

Која е улогата на професорите/учителите и кои се клучните атрибути на добар професор во едукацијата и подготовката на новите генерации кои ќе го носат напредокот?

Да бидете професор и да имате можност да учите и воспитувате е огромна чест и задоволство, но воедно и огромна одговорност која не смеете да ја занемарите и мора да ја носите со себе. Според мене, клучните атрибути на добар професор се страст/ерудиција за науката, да бидете без компромис за вистината, да имате способност за комуникација и инспирација, висок интегритет, како и стручност и капацитет за истражување и дејствување со цел подобрување на околината во која живееме. Професорите имаат клучна улога не само во пренесување на знаењето, туку и во обликувањето на начинот на перцепција на економската околина, анализа на опкружувањето/предизвиците, како и поттикнување на креативноста и критичкото размислување кај студентите и публиката. Ние сме тие што ги учиме студентите како да ги применуваат научните концепти на практични проблеми, како да ги анализираат глобалните и локалните предизвици, притоа давајќи им слобода на младите луѓе да креираат нови перспективи и решенија. Ние ги мотивираме младите да станат активни чинители во општеството кое се менува, лидери во различни економски сектори, кои ќе можат да носат одлуки засновани на фактите, економска анализа и критичка опсервација.

Какви се Вашите размислувања и искуство за едукацијата на други профили и институции кои играат улога во развојот на земјата?

Соработката меѓу различни образовни институции, како и соработката со јавниот и приватниот (бизнис) сектор е неопходна за креирање стручно обучени кадри кои ќе се соочат со предизвиците на глобалната и локалната економија и ќе ги носат промените во нашата земја. Затоа што капацитетите на секоја институција и компанија доаѓаат од капацитетите и знаењето на кадарот и вработените. Оттука, академскиот кадар и образовниот систем имаат клучна улога своето знаење, резултати од истражувањата и компаративни искуства континуирано да ги пренесуваат на соодветните чинители во општеството, што понатаму ќе придонесе за развојот на националната економија и општество. Како предавач/обучувач во изминатиот период имам одржано повеќе од 110 обуки/стручни едукации и предавања (за дел од кои имам изготвено специјализирани модули/водичи), на тој начин успевајќи преку едукацијата да стекнам големо искуство и соработката со различни чинители, придонесувајќи во зајакнувањето на капацитетите на: министри, градоначалници, пратеници, државни ревизори, инспектори, организации од областа на граѓанското општество, општински советници, деловни субјекти, студенти, јавна администрација итн. Овој начин на едукација и комуникација претставува двонасочна улица во која ние, академската заедница, колку што едуцираме, исто толку и учиме од сите овие чинители – учиме кои се нивните предизвици, начинот на работа, нивните потреби, проблеми, што ни овозможува понатаму соодветно да ги дизајнираме нашите идни едукативни материјали, публикации, истражувања, воедно добивајќи и богатство на идеи и искуства кои можеме да им ги пренесеме на нашите студенти и идните генерации градители на нашето општество.



Каква е улогата на академските и апликативните истражувања и публикации во креирањето решенија за економскиот развој и напредокот на земјата? Зошто се важни истражувањата и публикациите?

Како автор на 4 книги и над 165 публикации, од кои 115 се индексирани трудови во реномирани меѓународни списанија, 50 истражувачки и апликативни монографии, како и многубројни студии за креирање политики, прирачници, водичи и физибилити-студии, можам со сигурност да тврдам дека академските и апликативните истражувања и публикации, ако се правилно поставени, играат клучна улога во економскиот развој, особено на мали земји кои се стремат кон брз економски напредок. Овие публикации и истражувања често создаваат основа за нови идеи за промени и реформи, претставуваат основа за национални стратегии и решенија кои можат да бидат применети во различни сектори, креирајќи основа за решавање различни предизвици во општеството. Овие истражувањата и нивните резултати често се основа за креирање економски политики кои можат да имаат директен импакт врз националната економија. Оттука, најчесто е неопходно уште при дефинирање на областа и темата на истражување да се тргне од определен предизвик или отворено прашање кое го имаме во нашата земја/регион, што ќе овозможи да дојдеме до резултати кои би имале потенцијално значење за нашиот иден развој. Меѓутоа, не треба да заборавиме дека анализите, препораките за политики и промени треба да се препознаат и прифатат од креаторите на политиките и да се имплементираат од страна на институциите, во спротивно остануваат само како добри анализи, препораки и идеи кои не се оптимално употребени за националниот развој.

Дали академската заедница треба да има активна улога во креирањето политики и реформите во државата? На кој начин може да придонесе во тие процеси?

Академската заедница не само што треба да има активна улога, туку има обврска да биде вклучена во креирањето политики и реформи. Универзитетите и истражувачките институти може да понудат објективни препораки базирани на факти - кои ќе помогнат во креирањето реформски пакети кои се научно поткрепени и кои ќе обезбедат долгорочен национален развој. Соработката на академијата со чинителите од јавниот и бизнис-секторот може да обезбеди структурни реформи кои ќе доведат до ефикасно искористување на националните ресурси, подобрување на стандардот на граѓаните итн. Како економски експерт, имам учествувано во над 100 истражувачки и апликативни проекти во земјата и регионот, најчесто поддржани од различни домашни и меѓународни организации (УНДП, УСАИД, ЕУ, ЕБРД, СБ, ИРИ, СДЦ, МОТ, ГИЗ, НДИ, ВФД, Блумберг итн.). Како резултат на долгогодишното искуство: Член сум на Советот на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ; Член на Советот на Народната Банка на Република Македонија; Почесен член на Асоцијацијата на пазарни техничари во Југоисточна Европа (SEEMT); Член на Алијансата за родова еднаквост на работното место и многу други . Дополнително учествувам во подготовка на многубројни водичи, прирачници, член сум на многу групи за промена на легислатива и подготовка/оцена на реформски препораки – сето ова обезбедува директна врска на академската заедница за реалниот „економски живот“. Мојата обврска кон јавниот интерес ја изразувам преку активно вклучување и давање придонес во сите иницијативи од јавен интерес. Моја практика е секогаш проектните активности од јавен интерес да ги реализирам без надомест (не прифаќам пари од јавниот сектор) или преку финансирање од различни странски и домашни донатори - што ми овозможува академска независност, го чува мојот интегритет и ми овозможува простор за оптимален придонес во секоја активност и иницијатива. Оттука, креаторите на политиките/јавниот сектор треба да создаваат механизми преку кои академската заедница (како и граѓаните, бизнис-секторот) ќе може отворено да придонесе во подготовката на алтернативи за идните политики и реформи - затоа што критичката и прогресивната мисла за националниот развој се наоѓа во значаен дел во академската природа. Во денешното општество, академската заедница не е само чувар на знаењето, туку треба да биде и активен учесник во креирањето нови идеи и решенија за актуелните проблеми.



Како академската заедница може да влијае врз долгорочниот напредок на нашата земја и како професорите и академските експерти се вклопуваат во овој процес? Дали академската заедница треба да има значајна улога кога се носат долгорочни одлуки и решенија?

Кога Академијата активно соработува со јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, се создава потребната синергија за вистинско создавање визија за долгорочен развој. Академската заедница е стожер на размислувањето за долгорочниот развој на нашето општество. Таа активно учествува во критичката анализа на иднината и треба да преставува катализатор за оптимални решенија за нашиот економски и социјален развој. Кога професорите и експертите од различни дисциплини активно соработуваат со јавниот сектор, бизнисот и невладините организации, тие помагаат во создавањето одржливи политики и стратегии. Тие можат да предвидат идни трендови и да помогнат во идентификувањето на важни сектори за раст и развој. Професорите и експертите се неопходни за анализа и процена на економски политики, социјални иницијативи и реформите кои водат до економски раст и социјална благосостојба.. Ова можам да го потврдам со мојот личен придонес во развојот и изработката на повеќе од 40 национални и локални стратешки документи, каде што од посебна важност е учеството во клучните долгорочни стратегии за развој на нашата земја - Националната развојна стратегија 2024-2044, учество во подготовка на Националната стратегија за регионален развој 2021-2031, учество во изготвување на Економските основи за Просторниот план на Република Северна Македонија 2023-2043 и други. Нашите граѓани ќе речат доста ни е од стратешки документи, меѓутоа, вистинското стратешко планирање е само почетокот на „патот“, ефикасната имплементација, која во голем дел е работа на нашите институции, е вистинскиот предизвик со кој се соочува нашата земја.

Како треба да изгледа соработката помеѓу академската заедница и јавноста? Дали академските резултати и размислувања треба да се споделуваат со граѓаните и како може да се оствари тоа?

Соработката помеѓу академската заедница и јавноста треба да биде отворена и постојана – академската заедница, покрај граѓанскиот сектор, е клучен фактор за објективна анализа на опкружувањето, политиките кои се преземаат, реформите кои се најавуваат - оттука без компромиси за вистината треба на адекватен начин да ги комуницира со јавноста. Академските резултати и размислувања треба да бидат достапни за сите граѓани преку јавни форуми, дебати/интервјуа во медиумите, разбирливи публикации и јавни предавања. Понекогаш можеби определени економски ставови на краток рок звучат премногу строго, или тешко прифатливо – но имајте предвид дека добриот економист размислува на среден и дол рок! Тргнувајќи од ова, јас чувствувам секојдневна одговорност пред нашите граѓани да ги следам, анализирам и дискутирам клучните економски/општествени прашања и дилеми – академската природа не ми дозволува да бидам рамнодушен на секојдневните предизвици со кои се соочуваат нашите институции и граѓани - што може да се види од тоа што како респектиран економист/економски аналитичар, во изминатиот период имам повеќе од 500 интервјуа, ТВ-гостувања, медиумски дебати, искажани стручни ставови, напишани текстови во весници и стручни списанија во земјата и регионот.

Во текот на Вашата кариера имате реализирано многу активности. Дали се препознава придонесот во академската заедница, дали сте добиле признание за Вашата улога во општеството и како го оценувате Вашиот придонес?

Како професор и истражувач, постигнувањата се дел од континуиран процес кој се гради со текот на времето (нема ништо брзо и лесно) и се резултат на мојата посветеност на образованието, истражувањата, публикациите и унапредување на економската околина во моја живееме. Секој успех е признание за нашиот долгогодишен академски и општествен ангажман, но претставува и стимул за понатамошно учество во многубројни активности кои ќе придонесат за развојот на науката и економијата во нашата земја. Во текот на мојата кариера, имав чест да добијам неколку значајни награди и признанија како најдобар истражувач и реномиран економист, како што се: највисоката награда на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за најдобар научник и истражувач кој покажал исклучителни резултати во научноистражувачката и образовната дејност од областа на општествените и хуманистичките науки (2020); Добитник на најпрестижната награда од областа на макроекономијата во РС Македонија - Прва награда во областа на макроекономијата за 2014 година, доделена од страна на НБРМ; Прва награда од Светската банка за најдобро истражување во земјава, во областа на утврдување на факторите кои обезбедуваат дека бенефитите од економскиот раст ќе ги почувствуваат сите граѓани (2017); Посебно признание за истакнат економист со посебен придонес во областа на економијата, доделена од страна на Здружението на менаџери на Македонија (2017) и многу др. Меѓутоа, признанијата што најмногу ги цениме не се огледаат само во формалните награди, туку и во секојдневното признание кое го добиваме од нашите студенти, академски колеги, претставници на бизнис и јавен сектор и најважно во неформалната комуникација со нашите граѓани. Кога ќе слушнете од млади, средовечни и постари наши граѓани пофални зборови на улица, во институција, во амфитеатар, во продавница, на патарина - кога ќе добиете дополнителни прашања за тоа „дали ќе нѐ биде“, кога ќе видите задоволство на нивните лица кога зборуваат за вашиот придонес - академскиот граѓанин ја постигнал својата најважна мисија, а најважната награда е веќе примена.



Според Вас, каде треба да ги насочиме нашите напори во иднина за да обезбедиме долгорочен економски напредок?

Потребно е да создадеме иновативен и функционален економски систем кој ќе поттикнува претприемништво, конкурентност, инвестиции во човечкиот капитал/знаење и градење вештини на граѓаните согласно пазарните трендови. Важно е да создадеме институции кои ќе бидат независни, деполитизирани, транспарентни, отчетни и способни да се справат со новите предизвици. Социјалниот систем и инклузија треба да бидат приоритет, преку подобрување на социјалните, здравствените и образовните системи, што ќе обезбеди еднакви можности за сите граѓани. Намалувањето на регионалните разлики и подобрувањето на целосната патна/железничка инфраструктурата ќе ги зајакнат локалните економии/регионите и ќе ја подобрат благосостојбата на сите граѓани. Покрај тоа, треба да ја искористиме дигитализацијата и новите технологии за поголема економска ефикасност, да поддржиме иновации во сите сектори, да ги развиеме новите индустрии и целосно да се интегрираме во глобалните економски текови. Во оваа насока треба да имаме предвид дека решенијата за значаен дел од клучните предизвици бараат системски пристап од повеќе аспекти - бараат долгорочни инвестиции во реформи и зајакнување капацитети, како и консензус меѓу оние што ги креираат политиките, добра координација на институциите кои треба да ги имплементираат решенијата и зајакнување на вредностите (граѓаните и бизнисите) на оние што треба да ги применуваат.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема