X
 04.06.2021 Образование

Јанкуловски: Зборникот „Конески на 11 јазици“ везе нова историја за УКИМ

Преводите на песните и прозните текстови на Конески се направени од странски македонисти – слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Првата зимска школа организирана од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Како што Блаже Конески ја везе својата песна истакнувајќи притоа: „Два конца парај од срцето драги, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди морничави траги, другиот копнеж и светол и стрвен“, така Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку промовирањето на зборникот „Конески на 11 јазици“ ја допишува својата историја.

Со овие зборови проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, го поздрави придонесот на странските македонисти, поради кои, стихови и мисли од Блаже Конески одекнаа на 11 јазици, како руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, турски и грчки во новиот зборник под наслов „Конески на 11 јазици“.

Зборникот беше промовиран пред два дена на онлајн-конференција, а се објавуваат делови од творештвото на Конески кои претходно не биле преведени на сите овие јазици.
Така, по само неколку месеци, според ректорот, се радуваме, но и се гордееме со зборникот „Конески на 11 јазици“.

- Преводот е една од инстанците преку која се остварува „интерлитерарниот комуникациски чин“ на македонската со другите литератури и прв знак за излегување од полуанонимноста и од тесните национални рамки. Зашто, само преку рамноправно соочување со другото, туѓото, универзалното, ќе може адекватно да се вреднува и своето, домашното, националното, ќе се утврдат сличностите, но и разликите, а со тоа и самосвојноста, уникатноста и оригиналноста на македонската литература - посочува Јанкуловски.


Проф. д-р Никола Јанкуловски

Во тој контекст, според ректорот, зборникот е убава можност самосвојноста, уникатноста и оригиналноста на македонската литература да се доживее, но и да се утврди преку преводите, и тоа на руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, турски и грчки, направени од семинаристи од напреднатите курсеви на Првата зимска школа.

- Посакувам овој зборник да има убава, и естетска и критичка, рецепција и да поттикне уште нови, други вакви изданија - заклучува Јанкуловски.

Преводите на песните и прозните текстови на Конески се направени од странски македонисти – слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Првата зимска школа организирана од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која се одржа на почетокот од годината, со 50-ина учесници од 15 земји.

Изданието излегува во годината кога се слави еден век од раѓањето на Блаже Конески (1921-1993) и содржи неколку поглавја, излагања и прилози за Првата зимска школа, лични сеќавања за Конески од четворица странски македонисти – Зузана Топољинска, Иван Доровски, Виктор Фридман и Горан Калоѓера, а централниот дел на зборникот опфаќа преводи на песни и кратки прозни текстови од Конески на 11 јазици.




Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование