X
 16.08.2023 Наша тема

Ана Гаштаровска дипломира на ФМУ со просек 10,00 и е меѓу најдобрите студенти на УКИМ: „Никогаш не бркав просек, го бркав мојот сон“

Кога на крајот од концертот некој ќе ми каже дека сум му го разубавила денот и дека уживал во мојата изведба, тогаш знам дека сум ја постигнала целта, вели Ана

Ана Гаштаровска е меѓу најдобрите студенти на УКИМ и вели дека оваа награда е сведок на сѐ што вложила во годините минати на Факултетот за музичка уметност, на часовите поминати во учење и свирење, на љубовта, креативноста и трудот насочени кон градењето како концертен пијанист.

Ана отсекогаш била максимално посветена и темелна во она што го правела. Сака да осознава нови работи, да ги продлабочува своите знаења, така што учењето не ѝ претставувало голема тешкотија, напротив, секогаш била водена од љубопитноста и желбата да знае што повеќе.

- Во основно образование ги сакав природните науки, но имав и голем афинитет кон уметноста – свирењето на пијано и цртањето. На деветгодишна возраст почнав да учам пијано и тогаш ми се роди таа нераскинлива љубов кон инструментот, поради што и средното образование го продолжив во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на проф. Верица Шотаровска - ни споделува Ана.



Основното образование го завршила со највисок успех – првенец на генерација, а во средно остварила најдобри резултати на државната матура по македонски јазик. Одлуката да студира на ФМУ била повеќе од јасна, да биде пијанист е нејзина огромна желба уште од најрани години.

Завршила со просек 10,00

- Најсилниот предизвик во текот на студирањето ми беше да созреам како пијанист-изведувач, во што особено ми помогна мојот ментор, проф. д-р Ана Гацева, која секогаш ги имаше вистинските зборови и знаеше со голем поттик да ме насочи кон решавањето на предизвиците што ги носи умешноста на свирење на еден толку комплексен инструмент. Настапите на концертите се причината поради која ја избрав оваа професија. Досега имам настапено на многу концерти и разни натпревари во Македонија и надвор од неа: Скопје, Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струга, Кавадарци, Гевгелија, Србија, Косово, Хрватска, а следен концерт е во Рим. Громогласниот аплауз што го добиваме од публиката на секој концерт и магијата која ја создаваме на сцена со нашето свирење се најголем стимул за нас, музичарите. Кога на крајот од концертот некој ќе ми каже дека сум му го разубавила денот и дека уживал во мојата изведба, тогаш знам дека сум ја постигнала целта - ни изјавува Ана.

Завршила со просек 10,00 и многумина ја прашувале зошто брка просек.



- Никогаш не бркав просек, не бркав награда, туку го бркав мојот сон, да бидам концертен пијанист и да настапувам на концертните подиуми низ светот, а кога го правите она што го сакате и притоа вложувате голем труд, добрите резултати се неизбежни. Квалитетна интерпретација на едно класично дело подразбира, покрај техничката усовршеност, познавање на сите гранки кои ги врзува со себе самото дело: историја на музика, хармонија, музички форми итн., односно сѐ што се изучува како предмет на факултетот. Мора многу да се истражува пред да се премине на процесот на совладување на делото, да се одговори на многу прашања кои никнуваат од него. Да бидам секој ден подобар пијанист, беше најсилната мотивација. Свирењето е една огромна развојна фаза и потребни се години за усовршување, па затоа мора да се има истрајност и максимална посветеност. Но, без бескрајната поддршка од семејството, немаше да го постигнам сето ова - вели Ана.

Патот до успехот никогаш не е права линија

На прашањето дали беше тешко да се оствари успехот, таа вели дека сѐ има своја тежина, не било лесно, но го прави тоа со голема желба и љубов.

- Патот до успехот никогаш не е права линија и не треба да дозволиме грешките и падовите да нѐ обесхрабрат. Затоа е потребно огромно трпение и силна волја за остварување на целта. Ние, музичарите, сме како спортистите, секој ден подразбира дисциплина, часови поминати во вежбање, а на концертните настапи даваме сѐ од себе. Покрај предметот пијано, уживање ми беа и предметите корепетиција, камерна музика и хор. Во иднина сакам да остварам многубројни концерти и да се претставувам на натпревари бидејќи за музичарите е најважно да созреваат на сцена. Особено ми е драго да настапувам во странство и гордо да ја претставувам Македонија. Изминатиов период работев хонорарно на факултетот како корепетитор, што ми беше огромна чест, уживање и мотивација за понатамошна работа. Би сакала да продолжам да се надградувам на магистерски, а подоцна и на докторски студии, да продолжам да вежбам континуирано, како и досега, совладувајќи дела од пијанистичкиот железен репертоар - раскажува Ана.



Според нејзиното искуство, на младите музичари им е потребна многу поголема поддршка во нивното себепромовирање и афирмација. Треба да се има слух за потребите на младите музичари, да се создадат повеќе можности за нивно вработување и професионално усовршување. Исто така, класичната музика повеќе да се доближи до широката публика, да се стави акцент на посетувањето концерти и на тоа зошто е важно да се негува културната свест.

- Моите понатамошни студии би ги продолжила на Факултетот за музичка уметност, на кој наидов на еминентни професори и истакнати музичари, секогаш отворени за соработка и помош. Многу од нив имаат богата концертна дејност надвор од земјата и се секојдневна инспирација за студентите - дополнува Ана.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема