Јутјуберката Марија Солко, која живее во Јакутск – најстудениот град на светот, објави видео во кое објаснува како луѓето се загреваат во место каде што температурите паѓаат многу под нулата.
Во јануари, најстудениот месец во годината, просечните температури во Јакутск достигнуваат -50 °C, а најниската измерена температура во овој руски град е -71 °C (во селото Ојмјакон, кое се смета за најстуденото населено место на Земјата).
Затоа, ако ви пречат сегашните ниски температури во Македонија, треба да знаете дека тие се далеку поблаги во споредба со Јакутск.
Како се греат зградите во Јакутск?
Марија објаснува дека постојат два начина на греење – централно и индивидуално греење на гас. Повеќето објекти изградени пред 2010 година користат централно греење. Поради екстремно ниските температури, цевките мора да бидат поставени над земјата, но тоа доведува до нивно пукање.
- Најголемиот недостаток на ова греење е тоа што станарите не можат да ја контролираат температурата, па така може да биде премногу ладно, но и премногу топло - вели таа.
Од друга страна, луѓето што користат индивидуално греење на гас можат сами да ја контролираат температурата во своите домови. Што се однесува до трошоците, Марија вели дека во декември платила само 8 долари за греење на гас, додека нејзините роднини со централно греење добиле сметка од 130 долари. Во нејзината зграда има тројни влезни врати за да се задржи топлината внатре.
Речиси сите куќи во Јакутск се изградени од дрво бидејќи оваа градба е најпогодна за сите годишни времиња. За изолација се користи мов, кој се става помеѓу дрвените греди.
Земјата никогаш не се одмрзнува
Јакутск е лоциран околу 450 километри јужно од Арктичкиот Круг. Дури и во лето, кога температурите можат да надминат 30 °C, земјата останува замрзната. Интересно е што во лето има многу комарци бидејќи градот се наоѓа покрај реката Лена.
Градот има околу 355.500 жители, а главните занимања се сточарството и риболовот. Новинарите на „Ројтерс“ пред две години ги прашале жителите како се справуваат со студот, а многумина одговориле дека со текот на времето едноставно се навикнале.
- Ниските температури се секојдневие за нас бидејќи нашиот мозок е подготвен за нив - велат жителите.
Во селото Ојмјакон нема канализација бидејќи цевките се замрзнуваат. Тоалетите најчесто се наоѓаат надвор од куќите. Смрзнувањето е проблем и за мобилните телефони, а автомобилите мора да работат цела ноќ бидејќи наутро не би можеле да се стартуваат.
И покрај екстремниот студ, Јакутск нуди многу атракции. Градот е опкружен со огромни предели на дивина, вклучувајќи шуми, тундра и планини. Локалните фестивали и настани се одлична можност да се запознае богатата културна традиција, која се одразува преку музика, танц и уметност.
Посетителите можат да истражуваат со санки влечени од кучиња, моторни санки или дури и со хеликоптер. Градот има модерна аеродромска и железничка инфраструктура, што овозможува лесен пристап за туристите.
Извор:
6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube