X
 21.10.2020 Образование

Годинава нема училишни екскурзии, а за да се штеди на греење, наставниците може да предаваат од дома

Оваа учебна година нема да се организираат училишни екскурзии, а поради пандемијата и нерационалното трошење средства за загревање на училниците, можно е и наставниците да почнат да ја изведуваат наставата онлајн од дома, најави министерката за образование Мила Царовска.
Таа ги повика директорите на училиштата, кои се одговорни за организација на екскурзиите, да најдат заеднички јазик со родителите на кој начин да се вратат парите што биле дадени минатата година.

- Годинава не може да се организираат училишни екскурзии. Може евентуално да се организира прошетка заедно со наставниците до локација оддалечена најмногу пет километри, заради социјализација - одговори на новинарско прашање Царовска.

За затоплувањето на училиштата, таа вели дека тоа е еден дел од обезбедувањето услови во училница за да се одржи настава, но најави можност наставниците да продолжат со наставата од дома.

- Со рационализација на средствата можеме да обезбедиме повеќе инвестиции во инфраструктура и во информатичката опрема наместо да се трошат пари за загревање на цела училница во која е присутен само еден наставник. За ова прашање сме во процес на дискутирање. Важно беше наставата да почне од училница, да ги видиме наставниците на своите работни места поради тоа што минатата година имаше многу дилеми во јавноста дека наставниците не одат на работа, земаат цела плата, не се држи настава. Но, наставниците држат настава, ја држат од училница - рече Царовска.

Ваква одлука се носи заеднички со градоначалниците, а ќе се остави на ниво на колектив да се одлучи на кој начин понатаму, согласно грејната сезона, ќе се одвива наставата во училиштето, додаде министерката.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование