X
 23.06.2025 Живот

Загрижувачки резултати: „Чет-ГПТ“ го ослабува критичкото размислување

Ново истражување на Институтот за технологија во Масачусетс открива дека користењето на „Чет-ГПТ“ може негативно да влијае врз критичкото размислување, особено кај младите. Испитаници на возраст од 18 до 39 години биле поделени во три групи: едни користеле „Чет-ГПТ“, други „Гугл“, а третите пишувале без никаква помош.

ЕЕГ-мерењата покажале дека корисниците на „Чет-ГПТ“ имале најниска мозочна ангажираност, а нивните есеи биле слични, без оригиналност и креативност. Со секој следен есеј корисниците сè повеќе се потпирале на „Чет-ГПТ“ и сè помалку размислувале самостојно.

Најдобри резултати без никаква дигитална поддршка


Групата што пишувала самостојно покажала најголема мозочна активност. Тие чувствувале задоволство и лична поврзаност со своите текстови. Добри резултати покажала и групата што користела „Гугл“, со висок степен на когнитивна вклученост.

При повторното пишување на истите есеи, оние што првично користеле „Чет-ГПТ“ имале слабо сеќавање и ниска мозочна активност, што укажува на недоволна вклученост на меморијата. Спротивно на тоа, оние што претходно работеле самостојно, сега користејќи „Чет-ГПТ“, покажале значително зголемена мозочна поврзаност.

Последици и предупредувања

Авторката на истражувањето, Наталија Космина, предупредува дека прекумерното потпирање на „Чет-ГПТ“ може да го загрози когнитивниот развој, особено кај младите мозоци. Таа бара поголема едукација за правилна употреба на овие алатки и тестирање пред нивната широка примена.

Извор: Telegraf.rs 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот