X
 23.07.2025 Живот

Центрите за вештачка интелигенција обвинети дека предизвикуваат сериозни проблеми со водоснабдувањето

Центрите за податоци кои ја напојуваат генеративната вештачка интелигенција, меѓу нив и оние на „Мета“, се под лупа откако жителите на округот Њутон во Џорџија почнаа да пријавуваат проблеми со водата.

Сопружниците Беверли и Џеф Морис велат дека откако во 2018 година компанијата „Мета“ започнала со изградба на огромен центар за податоци на помалку од 360 метри од нивниот дом, нивното водоснабдување значително се влошило.

- Се чини како да водиме борба што не можеме да ја добиеме и за која никогаш не се пријавивме. Се плашам да ја пијам сопствената вода - вели Беверли.

Постарите центри за податоци трошат околу 1.892.705 литри вода дневно

Според нив, водата станала густа, со талог и честички, а две од чешмите во бањата и понатаму не функционираат. За сето ова досега потрошиле 5.000 долари, а не можат да си дозволат целосна замена на бунарот, која би чинела 25.000 долари.

„Мета“ веќе негираше дека нивниот центар за податоци е причина за проблемите со водата на семејството, но новите истражувања на „Њујорк тајмс“ покажуваат дека целиот округ Њутон, каде што живеат повеќе од 120.000 жители, може да се соочи со слична судбина.

Според извештај од минатата година, округот е на пат да влезе во воден дефицит до 2030 година, што би ги принудило жителите на рационално користење вода доколку не се подобрат капацитетите на водоводната инфраструктура.

Блер Нортен, градоначалник на Мансфилд, град во рамките на округот, предупредува дека цените за вода ќе пораснат за 33 отсто, што е над вообичаениот годишен раст од 2 отсто.

Сѐ поголем број жители почнуваат да го чувствуваат влијанието на растечката побарувачка за ресурси од страна на технолошките компании. Постарите центри за податоци, како оној на „Мета“ во Њутон, трошат околу 1.892.705 литри вода дневно. Но, новите планирани капацитети, би можеле да трошат многу повеќе од тоа на ден.

Крис Манганиело, директор за водна политика во еколошката организација „Чатахучи риверкипер“, открива дека една компанија за податоци во Џорџија побарала дозвола за потрошувачка од 34 милиони литри дневно, што е еквивалентно на дневната потреба на 30.000 домаќинства.

Иако овие проекти се зависни од огромни количества вода, компаниите за вештачка интелигенција најчесто се фокусираат на региони со евтина електрична енергија, а не на достапноста на вода. Тоа е така затоа што енергијата е поскап ресурс, објаснува д-р Њуша Аџами, хидролог и директор за урбани водни политики на Универзитетот „Стенфорд“.

- За технолошките компании, водата е споредна работа. Сметаат дека некој друг ќе се справи со тоа подоцна - вели д-р Аџами.

Во случајот на Њутон, целиот систем за водоснабдување зависи од резервоар кој се полни само од дождови.

„Мета“, пак, тврди дека спровела истражување на бунарот на имотот на Морисови и заклучила дека е „малку веројатно“ нејзиниот центар за податоци да влијаел врз подземните води.

Мајк Хопкинс, извршен директор на Водоводната и канализациската управа на округот Њутон, признава дека „Мета“ дневно користи околу 10 отсто од вкупната количина вода во округот.

- Она што овие центри за податоци не го разбираат е дека тие ја трошат заедничката благосостојба на заедницата. Едноставно немаме доволно вода - вели Хопкинс.

Едно можно решение е унапредување на постојните водни капацитети, но тоа бара време и средства. Проценетата цена е над 250 милиони долари, а времето не е на нивна страна.

Извор: Futurism.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот