X
 23.08.2019 Живот

Индонезија ќе гради нов главен град

Индонезија ќе го изгради својот нов главен град во покраината Источен Калимантан на островот Борнео, пренесуваат медиумите цитирајќи го министерот за просторно планирање Софјан Џалил.

Претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, минатата недела официјално му предложи на парламентот преместување на седиштето на главниот град од Џакарта, пренаселен и загаден град со 10 милиони жители, во Калимантан.

Индонезиската страна на Борнео има пет провинции познати по тропските шуми, орангутаните и резервите на јаглен.

- Да, Источен Калимантан, но сè уште не знаме каде точно - истакна Џалил кога беше прашан дали Источен Калимантан е избран за место за новиот главен град.

Џалил истакнал и дека владата има три илјади хектари земјиште во провинцијата за првата фаза од развојот.

Медиумите шпекулираа дека претседателот ќе го избере подрачјето Букит Соехарто на Источен Калимантан или градот Самбоџа за нов центар на администрацијата. Бамбанд Броџонегоро, шеф на националната агенција за развојно планирање, неодамна рече дека за подобра поврзаност на архипелагот, главниот град мора да биде пристаништен.

 - Владата сè уште не донесе одлука за новата локација на главниот град - рече Кенеди Саманџунтак, заменик-директор на агенцијата.

Преместувањето на административниот центар би чинело околу 33 милијарди долари, а во таа цена се вклучени и канцелариите за новата влада и домовите за околу 1,5 милион државни службеници, чие селење се очекува во 2024 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот