X
 23.08.2025 Наука

Предупредување на научниците: Зголемениот туризам го загадува Антарктикот

Зголемениот број на туристи и проширувањето на истражувачките проекти сè повеќе го загадуваат Антарктикот, предупредуваат научниците, што е нов удар за една од најчистите средини на Земјата, која веќе е загрозена од климатските промени предизвикани од човекот.

Во антарктичките области каде што луѓето биле активни, концентрацијата на фини честички што содржат тешки метали е 10 пати поголема отколку што била пред 40 години, изјавил меѓународниот тим истражувачи во нова студија.

До таа промена дошло откако бројот на годишни туристи што го посетуваат белиот континент се зголемил од 20.000 на 120.000 во последните две децении, според Меѓународното здружение на туристички оператори на Антарктикот.

-Зголеменото човечко присуство на Антарктикот предизвикува загриженост за загадувачите од согорувањето на фосилни горива, вклучувајќи ги и оние од бродови, авиони, возила и помошна инфраструктура - се вели во студијата.

Бродовите што превезуваат туристи се напојуваат со валкани фосилни горива, кои се извор на фини честички што содржат материи како никел, бакар, цинк и олово.


-Снегот се топи побрзо на Антарктикот поради присуството на загадувачки честички во областите што ги посетуваат туристите. Еден турист може да придонесе за забрзување на топењето на околу 100 тони снег - изјавил коавторот на студијата Раул Кордеро.

Истражувачите - од земји како Чиле и Германија, поминале четири години патувајќи 1.200 милји (2.000 километри) на Антарктикот за да ја измерат контаминацијата. Присуството на тешки метали е исто така зголемено поради научните експедиции. Истражувачите што остануваат подолго време можат да имаат до 10 пати поголемо влијание од еден турист, рече Кордеро.

Во студијата се признава дека имало „значајни чекори напред“ во обидите за заштита на Антарктикот, како што е забраната за тешкиот мазут што загадува и туристичката индустрија што прифаќа електрично-хибридни бродови.

-Сепак, нашите резултати покажуваат дека останува уште многу да се направи за да се намалат товарите од човековите активности на Антарктикот, вклучително и забрзување на транзицијата кон обновлива енергија и намалување на употребата на фосилни горива - се вели во студијата.

Во друга студија, пак, објавена во списанието „Нејчр“, исто така се предупредува дека потенцијално неповратните промени на Антарктикот предизвикани од климатските промени, би можеле да ги подигнат глобалните океани за неколку метри и да доведат до катастрофални последици за генерации.

Извор: phys.org
Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука