X
 21.01.2025 Наука

Научниците открија природна алтернатива на „оземпик“

Научниците идентификуваа начин за природно регулирање на нивото на шеќер во крвта и желбата за консумација на шеќер, на сличен начин како и лекот „оземпик“.

Открија дека кај глувците и луѓето, клучот за отклучување на овој природен процес е микроб во цревата и неговите метаболити - соединенијата што ги произведува за време на варењето. Со зголемување на изобилството на овој микроб во цревата кај дијабетични глувци, истражувачите од Универзитетот „Џиангнан“ во Кина покажаа дека можат да предизвикаат лачење на пептид-1 сличен на глукагон.

Пептид-1 сличен на глукагон (GLP-1) е хормон кој природно се произведува во телото и кој помага во регулирањето на нивото на шеќерот во крвта и чувството на ситост. Ослободувањето на „GLP-1“ е стимулирано од одредена храна и цревни микроби, а неговиот механизам на дејство се имитира со лекови како семаглутид (состојка што ја има во „оземпик“).

Луѓето со дијабетес тип 2 обично имаат нарушена функција на „GLP-1“, што доведува до проблеми со контролата на шеќерот во крвта, поради што „оземпик“ и другите агонисти на „GLP-1“ функционираат како третмани.

Овие лекови имитираат природни процеси во телото, и иако се покажале како многу ефикасни, некои истражувачи сакаат да откријат како да го натераат телото самостојно да произведува повеќе „GLP-1“.

- Сè поголем број истражувања открија дека нашата желба за диететски компоненти потекнува од сигналите испратени од цревата, клучен орган во пренесувањето на преференциите во исхраната. Сепак, кои гени, цревна флора и метаболити во цревната микросредина се вклучени во регулирањето на претпочитањето шеќер, во моментов е нејасно - велат авторите.

Новото истражување покажува дека цревните микроби како „Bacteroides vulgatus“ и нивните метаболити можат да помогнат во обликувањето на желбата за консумација на шеќер кај една личност. Во експериментите, доколку глувците не можат да произведат цревни протеини, наречени „Ffar4“, истражувачите откриле дека цревните колонии на „B. Vulgatus“ се намалуваат. Ова, пак, го намалило ослободувањето на хормонот наречен „FGF21“, кој е поврзан со желбата за шеќер.

Во анализата на крвта на 60 учесници со дијабетес тип 2 и 24 здрави контроли, истражувачите во Кина откриле дека мутациите на „Ffar4“, кои го намалуваат производството на „FGF21“, се поврзани со зголемена желба за шеќер, „што може да биде важен фактор за развој на дијабетес“.

Уште повеќе, цревниот микробиом може да биде клучен посредник на тој процес. Истражувачкиот тим открил дека кога глувците биле третирани со метаболит на „B. Vulgatus“, тоа го зајакнувало лачењето на „GLP-1“, кое потоа го активирало лачењето на „FGF21“. Заедно, ова значело поголема контрола на шеќерот во крвта и помала желба за шеќер кај глувците.

Дали истото ќе се прошири и на луѓето, останува да се види, но авторите тврдат дека нивната студија обезбедува стратегија за превенција од дијабетес.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука