X
 23.10.2025 Живот

Нов тренд во работењето - дали кратките интервали може да ја заменат класичната работа од 9 до 17?

Современиот работен ден ретко кога минува без прекини. Меѓу состаноци, бескрајни нотификации на „Слек“ и повремени падови на енергијата, изгледа речиси невозможно да се најде подолг период на непрекинат фокус. Тука на сцена стапува микрошифтингот - нов пристап кон продуктивноста кој се темели на користење кратки, но фокусирани моменти. Наместо да се чека совршен временски блок за работа, микрошифтингот ги охрабрува вработените да ги извршуваат задачите во кратки налети, каде и кога е можно.

Работниот ден повеќе не е строг и фиксен

Говорејќи за оваа промена, Петер Ѓуриш, извршен директор и коосновач на компанијата „Кикресум“, објаснува дека денешното работно опкружување повеќе не е круто и строго структурирано како порано.

Кога станува збор за бенефити на работа, флексибилноста и понатаму е на врвот на листата кај најголем дел од кандидатите без оглед дали се работи за можноста за работа од далечина или за приспособливо работно време.

- Микрошифтингот е одличен начин вработените да ги усогласат своите лични обврски со работата. Ако имате можност да работите во кратки налети, вреди да разговарате со вашиот менаџер за тоа. Овој пристап особено може да биде корисен за родители или лица што се грижат за други - вели тој.

Што всушност е микрошифтингот?


Микрошифтингот станува сè попопуларен модел на работа, особено меѓу припадниците на генерацијата З, вработените родители и негувателите. Суштината е во напуштање на традиционалното работно време од 9 до 17 часот и организирање на работата во кратки, флексибилни интервали што се усогласуваат со вашиот дневен ритам и ниво на енергија.

Можеби ќе започнете рано, ќе направите подолга пауза напладне, па ќе продолжите повторно навечер, сè додека тоа ви одговара и работата е завршена навреме.

Овој начин на работа со години е присутен во малопродажбата и угостителството, но сега се пренесува и во канцелариските работи. Бидејќи сè повеќе луѓе бараат подобар баланс меѓу работата и приватниот живот, дел од работодавците почнуваат да се приспособуваат.

Сè додека задачите не се временски чувствителни и роковите се почитуваат, многу компании сфаќаат дека флексибилноста може да биде корисна за двете страни бидејќи ја зголемува продуктивноста без да ги загрози резултатите.

Како да го примените микрошифтингот на работа?


Секако, не сите компании се подготвени веднаш да го прифатат овој модел. Но, Ѓуриш нагласува дека сè започнува со отворена комуникација.

Бидете јасни и транспарентни. Известете го менаџерот и тимот кога сте достапни за да можат сите да го планираат своето време соодветно. Најважните задачи треба да се извршуваат во часовите кога имате најмногу енергија.

Без разлика дали сте утрински тип или најдобро функционирате подоцна во денот, усогласувањето со сопствениот биоритам може значително да ја подобри вашата ефикасност.

Бидејќи микрошифтингот подразбира работа во кратки, флексибилни периоди, организираноста станува клучна за успех.

Извор: Bizlife.rs 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот