X
 23.11.2025 Живот

Пример за единство и покрај различноста: Во оваа земја се зборуваат над 700 јазици

Светот е неверојатно разновиден, а јазиците можеби се неговиот најживописен доказ. Од големите јазици што поврзуваат стотици милиони луѓе до малите, речиси заборавени дијалекти што ги зборуваат само неколку стотици жители, секој јазик носи делче од култура, историја и идентитет.

Но, постои една држава каде што оваа јазична разновидност достигнува неверојатни размери. Имено, ако некогаш сте се запрашале колку јазици се зборуваат во Индонезија, одговорот би можел да ве изненади.

Една од најразновидните земји во светот во однос на јазикот


Оваа голема островска држава, сместена помеѓу Индискиот и Тихиот Океан, се протега на повеќе од 17 илјади острови. Таквата географска распространетост создала идеални услови за развој на различни култури, обичаи и, секако, јазици. Според податоците на „Етнолог“, во Индонезија се зборуваат повеќе од 700 различни јазици, што ја прави една од јазично најразновидните земји на светот, веднаш зад Папуа Нова Гвинеја, која води со над 800 јазици.

Иако денес официјален јазик е индонезискиот, кој се користи во образованието, медиумите и службената комуникација, повеќето жители зборуваат два или повеќе јазици. Во секојдневниот живот многумина користат и локални јазици како јаванскиот, сунданскиот, мадурскиот или балискиот. Секој од нив има сопственa музика на зборови, изрази и идиоми кои го откриваат богатството на традицијата и историјата на секој поединечен остров.

2
Фото: Wikipedia

Многу јазици денес изумираат


Интересно е што многу од тие јазици немаат писмена форма, а некои се толку загрозени што ги зборуваат само неколку постари жители. Организации како УНЕСКО и разни локални иницијативи се обидуваат да го зачуваат ова јазично богатство преку документација, дигитални архиви и образовни програми. Затоа што кога ќе исчезне еден јазик, исчезнува и еден свет на приказни, верувања и идентитет.

И покрај оваа сложеност, Индонезија успешно го одржува единството. Со воведувањето на индонезискиот јазик како заеднички јазик по стекнувањето независност во 1945 година, државата пронашла рамнотежа помеѓу различноста и националниот идентитет. Денес, овој јазик се изучува од најрана возраст и служи како мост меѓу островските заедници кои споделуваат заедничко чувство на припадност, иако зборуваат различни мајчини јазици.

Освен извонредната јазична разновидност, Индонезија се гордее и со неверојатно географско богатство. Имено, станува збор за најголемото островско подрачје во светот, кое опфаќа повеќе од 17 илјади острови помеѓу Индискиот и Тихиот Океан. Токму поради големиот број острови, Индонезија е земја на контрасти, но и заедништво.

Да патуваш низ Индонезија значи да преминуваш од еден свет во друг - од модерни урбани центри во недопрени делови на природата што изгледаат како излезени од бајка. Токму оваа географска разновидност ги обликувала и различните начини на живот, навиките во исхраната и културните традиции кои ја прават Индонезија толку посебна и фасцинантна.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот