X
 24.01.2022 Живот

Во Македонија до 1930 година стока пренесувале и камили

Кога некој ќе спомене камили, обично првата асоцијација ни се потопли, па дури и пустински краишта, каде што сме навикнати да ги гледаме овие животни. Но, дали знаете дека тие се користеле за пренесување стока и во Македонија? И тоа не било во некое многу далечно минато, туку до пред 90 години.

Имено, во книгата „Стопанството на Јужна Србија“ („Привреда Јужне Србије“, кога Македонија така се водела) на Милан Гавриловиќ, издадена во 1933 година, е наведено дека на Балканот имало карвански сообраќај во кој освен коњите, биле вклучени и камили.

- Карваните се состојат од 20 до 50 коњи или камили, па и повеќе. Карваните ги предводи кириџибашата (старешина), а ги чува вооружена придружба. Карваните се движат полека, од ан до ан. Тие анови се вистински мали тврдини и карваните се трудат акшамот да ги затекне во таков ан - се наведува во книгата.

Во неа стои дека на „памучниот пат“ од Солун до Сараево за време на континенталните блокади кириџиите за еден товар наплаќале 180 гроша, а во 1852 година од Скопје до Сараево за еден товар се плаќале 90 гроша.

- Последните примероци од некогашните карвани на камили во Јужна Србија биле во Струмица до пред неколку години. Фамилијата Камиларевиќ имала десетина грла камили, со кои пренесувала еспап меѓу Удово и Струмица. Во 1930 година Камиларевиќ ги продале камилите на еден чешки циркус кој патувал низ Јужна Србија. Фамилијата Камиларевиќ родум е од Дојран, а од дамнина се занимавала со кириџилак и држела камили, по што го добила и прекарот - стои во книгата.

Подолу можете да ја видите и фотографијата од карванот камили на фамилијата Камиларевиќ објавена во книгата.


Насловна фотографија: Pixabay
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот