Соединетите Американски Држави бараат природни ресурси од Украина во вредност од 500 милијарди долари во замена за воената помош што ѝ ја дадоа за време на војната. Договорот би можел да вклучи некои од најголемите украински наоѓалишта на титан, литиум и графит.
Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Украина да осигури ретки минерали во вредност од 500 милијарди долари како дел од договор што сè уште е во фаза на преговори, а како облик на отплата за финансиската помош што САД ја обезбедија за Украина за воените напори. Според извештајот на Конгресната истражувачка служба, САД до јануари испратиле нешто повеќе од 174 милијарди долари, што е значително помалку од 350 милијарди долари, колку што Трамп тврдеше дека е осигурено.
Најголемите резерви на метали во Европа
Од украинското Министерство за заштита на животната средина и природните ресурси тврдат дека Украина има најголеми резерви на графит и литиум во Европа. Нејзините резерви на графит чинат 6 отсто од вкупните светски резерви.
Исто така, Украинците наведуваат дека поседуваат најголеми резерви на титан во Европа. Како што велат, тие можат да ги задоволат потребите на САД и ЕУ за метал од титан во текот на следните 25 години.
Украинците велат дека имаат и најголеми резерви на уран во Европа и дека нивните резерви на берилиум можат да го задоволат глобалното производство во следните 40 години.
Природните ресурси на оваа земја се клучни за производство на батерии, оклопи, одбранбени материјали и нуклеарно гориво.
Партнерството со Украина за да се осигурат природни ресурси би можело да ја намали зависноста на САД од Кина и Русија во поглед на увозот на тие минерали. Од украинското Министерство за природни ресурси тврдат дека повеќе од половина од светското снабдување со уран доаѓа од Кина и Русија.
Зеленски не потпишува
САД и Украина сега се во напнати преговори околу договорот, кој, според западните медиуми, е блиску до склучување. Американскиот министер за финансии Скот Бесент неодамна му претстави на украинскиот претседател Володимир Зеленски верзија од договорот. Тој не сакаше да се потпише, истакнувајќи дека му е потребно време за анализа и дека сака безбедносни гаранции за Украина. Според првата верзија на договорот, САД би добиле 50 отсто од сопствеништвото над природните ресурси на Украина, вклучувајќи ги и нафтата и гасот, со резерви на минерали.
Како одговор, Трамп ја обвини Украина дека ја започнала војната со Русија, а и го нарече Зеленски диктатор, на што тој му одговори дека американскиот претседател „живее во простор на дезинформации“.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, исто така ја повика Украина на потпишување на договорот.
-Сакаме заеднички потфат со вас, не затоа што сакаме да ја ограбиме вашата земја, туку затоа што сметаме дека всушност тоа е безбедносна гаранција - рече тој.
Зеленски во петокот навести дека има напредок кон договор, но нагласи дека е најважно правилно да се дефинираат деталите, а да се осигури дека договорот навистина функционира.
Сепак, Си-ен-ен викендов извести дека моменталниот нацрт-договор не е оној што Зеленски би го прифатил. Повикувајќи се на неименуван извор запознат со преговорите, во извештајот е наведено дека понудата е „чуден обид да се земе од земја која е жртва на војна“.
Извор:
Forbes
Фото: x.com/ZelenskyyUa