X
 24.02.2025 Живот

Вооружените конфликти за кои светот не зборува

Поминаа три години откако почна војната во Украина и една и пол година по нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година. Овие две жаришта привлекоа огромно медиумско внимание и политички одговори. Сепак, ова не се единствените големи вооружени конфликти во светот.

На мапата во продолжение се нагласени и другите региони каде што има граѓански војни, воени дејствија и непопуларни влади што вршат насилство врз цивили.

Податоците се земени од „Гардијан“ и регистарот за локации и настани на вооружени конфликти, заклучно со јануари 2025 година.

Фото: Visual Capitalist

Сè уште има граѓански војни

Во неколку земји во Африка, Азија и на Блискиот Исток има граѓански војни.

Во крајбрежна Западна Африка, утврдената џихадистичка побуна добива сè поголема сила. Според регистарот, во ова има две групи: Џама'ат Нусрат ал Ислам ва-Муслимин, која е поврзана со Ал каеда, и Исламската држава на Сахелската провинција.

Во побуната се користи моќно оружје што доведува до поголема смртност: напади со дронови, импровизирани експлозивни направи и минофрлачи. Одмаздничките дејствија од владите ги ставаат цивилите среде вкрстен оган.

Истовремено, во Централна Африка, претседателот на Руанда е обвинет дека ги вооружува бунтовниците во Конго, земја богата со минерали. Овие бунтовници, кои се познати како М23, минатиот месец окупираа град на источната граница на Конго.

Северно од овие две земји, воената влада на Судан и бунтовниците од Силите за брза поддршка се борат за контрола над земјата, а насилството се проширува.

Фото: Visual Capitalist

Конфликти во Азија и на Блискиот Исток

На власт од 2021 година, воената хунта во Мјанмар користи тактики на срамнување со земја против растечкиот воен отпор. Владата држи околу 21.000 политички затвореници и продолжува да ги таргетира Рохингите, принудувајќи ги да бегаат во соседните земји.

Во меѓувреме, талибанците сè уште се на власт во Авганистан откако САД си ги повлекоа силите во 2021 година. Длабоко конзервативната теократска влада лиши милиони жени во Авганистан од лични слободи и основни човекови права.

И конечно, во Јемен, владата поддржана од Саудиска Арабија и Хутите поддржани од Иран се во војна од 2015 година.

Извор: Visual Capitalist
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот