X
 24.03.2026 Живот

Гијон синдром - симптоми и причини

Артритис, синдром на карпален тунел, тендинитис и повреди се чести причини за болка во рачниот зглоб и дланката. Меѓутоа, кога ќе почувствувате трнење и печење во предел на домалиот и малиот прст, причината може да биде релативно редок проблем со раката и зглобот наречен синдром на Гијоновиот канал.

Помалку од 4 % од популацијата е родена со анатомија која сама по себе предизвикува синдром на Гијоновиот канал. Наместо тоа, најчесто оваа состојба се јавува како резултат на силен и повторувачки стрес врз истоимената регија во подолг временски период или поради основна состојба како што се ганглиски цисти.

Продолжете да читате за да дознаете како да ги идентификувате симптомите на синдромот на Гијоновиот канал, кои активности најчесто се виновни и го предизвикуваат, како и можните и најчестите опции за третман.

Што е синдром на Гијонов канал?

Синдромот на Гијонов канал (исто така познат какосиндром на улнарен тунел - UTS) е компресија на улнарниот нерв во пределот на рачниот зглоб.

Улнарниот нерв е главен нерв на раката што се протега од вашето рамо до вашата дланка, минувајќи низ тесен канал во вашиот рачен зглоб наречен Гијонов канал, кој се наоѓа на долната страна (страна на дланката) на зглобот, на истата страна како и малиот прст. Вашиот улнарен нерв го контролира движењето и чувството во подлактницата, раката и прстите.
Синдромот на Гијонов канал се јавува кога на нервот има притисок, односно компресија во преминот. Обично, симптомите стануваат прогресивно полоши со текот на времето или со зголемена употреба на рачниот зглоб. Симптомите може да бидат полоши ноќе или наутро.

Некои вообичаени ризик-фактори се:
-Повторувачки движења на раката и на зглобот
-Повреда на зглобот
-Спорт
-Артритис
-Дијабетес
-Анатомски варијации

Фото: Freepik

Причини за синдром на Гијонов канал

Синдромот на Гијонов канал може да биде предизвикан од акутна повреда, повторувачка траума или состојба што потекнува од друго место во раката или зглобот и го зафаќа улнарниот нерв.

Компресијата на улнарниот нерв на зглобот од ганглиски цисти е причина за 30 до 45 % од случаите на оваа состојба. Ганглиските цисти се кесички со течност што се развиваат во близина на зглобовите. Овие цисти се најчести кај жени на возраст од 20 до 40 години, иако можат да се развијат на која било возраст.

Некои спортови и различни видови физичка работа, исто така, можат да го зголемат ризикот од развој на синдром на Гијонов канал. Примери за активности поврзани со заглавување на улнарниот нерв во каналот Гијон се:

Возење велосипед: Потпирањето на кормилото врши притисок врз зглобот во областа на улнарниот нерв.

Употреба на тешки машини: Продолжената мануелна работа што врши постојан притисок врз дланката или зглобот, или вклучува силно извртување, може да го оштети улнарниот нерв и да предизвика симптоми на синдромот на Гијоновиот канал. Алатките што вибрираат, како што е џебниот чекан, додаваат дополнителен ризик.

Друга мануелна работа: Освен алатките, градежните работи претставуваат ризик за синдромот на Гијоновиот канал на други начини. Поддржувањето со дланка на тврда површина или вртењето на раката или зглобот во незгодни положби може да го оптовари улнарниот нерв со текот на времето.

Симптоми на синдромот на Гијоновиот канал

Улнарниот нерв се дели на две гранки во дланката. Едната гранка го контролира движењето, а другата го регулира чувството. Компресијата може да биде на која било гранка, влијаејќи врз движењето или чувството, или врз нервното стебло или врз двете.

Сензација: Непријатноста може да вклучува вкочанетост, пецкање или печење. Сензацијата влијае само на малиот прст и на страната на домалиот прст што е најблиску до малиот прст.

Движење: Мускулната слабост го отежнува фаќањето и изведувањето на фини моторни вештини. Може да имате проблеми со закопчувањето на кошулите или отворањето тегла. Оштетувањето може да вклучува и тешкотии при раздвојување на прстите.

Канџеста рака: Во тешки случаи, показалецот и домалиот прст може да се грчат и да се заклучат.

Ирадирачки симптоми: Ако синдромот на Гијоновиот канал напредува, сензациите може да зрачат по подлактницата до лактот.

Автор: Корнелија Ѓорѓиеска, специјалист по ортопедска хирургија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот