X
 24.04.2019 Живот

„Анонимус“ ги предупреди богаташите: „Можевте подобро да ги употребите парите наменети за Нотр Дам“

Милиони луѓе низ светот беа потресени од снимката на познатата француска катедрала Нотр Дам во пламен. Во рекорден рок најбогатите луѓе и компании од Франција, но и од целиот свет се јавија и понудија пари за нејзина реставрација. За само неколку дена беа собрани повеќе од милијарда долари, а парите и понатаму пристигнуваат.

Но, не се сите воодушевени што слушаат вести за милиони евра наменети за реставрација на црквата стара повеќе од 800 години.

Познатата хакерска група „Анонимус“ упати порака до сите милијардери што ветија дека ќе донираат пари за реставрација на Нотр Дам.

- Оваа недела докажавте колку големи срца имате и колку ви се длабоки џебовите. Вашиот придонес се чини неверојатен за повеќето луѓе во светот, кои живеат од плата до плата, а собраните суми не можат да замислат да ги потрошат - стои во пораката објавена на „Фејсбук“.

Иако потегот на богаташите воодушеви многу луѓе, голем дел од нив се прашуваат зошто не го направиле тоа кога станува збор за човечки животи.

2
Фото: Getty Images

- Делумното губење на историската зграда собра повеќе донации од која било природна катастрофа или криза на сиромаштија во последните години. Таквото селективно добро дело им ги отвори очите на луѓето низ цел свет и укажа на погрешните приоритети на лидерите. Сега е јасно дека поважни ви се симболите на вашата културна моќ отколку човечките животи или планетата на која живееме - велат во видеото.

„Анонимус“, која е позната по своите хакерски напади, во оваа порака не се заканува со одмазда, туку ги повикува богаташите да ги преиспитаат своите приоритети и да се обидат да ја поправат неправдата што е видлива на секој чекор.

- Преиспитајте ги вашите приоритети и погледнете каква сериозна неправда се случува низ светот. Пожарот во Нотр Дам е неважен во споредба со тие трагедии. Можеби тогаш ќе бидете подготвени да го искористите богатството за постигнување позитивни работи - велат од „Анонимус“.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот