X
 24.05.2025 Живот

Најгласниот подводен звук што ја збунува науката речиси три децении

Поминаа 28 години откако беше снимен еден од најгласните звуци во длабокото море, а и ден-денес не се знае што точно го предизвикало. Останува една од најголемите подводни мистерии.

Американската Национална управа за океани и атмосфера во 1997 година регистрирала необичен подводен звук, познат како „Блуп“ (Bloop). Станувало збор за бучава со ултраниска фреквенција, која била толку гласна што била детектирана од хидрофони распоредени во Тихиот Океан. Поради чудниот карактер на звукот, и научниците и љубителите на теории на заговор се обиделе да претпостават за што станува збор.

Снимката е поставена на „Јутјуб“ пред 15 години и досега има над 10 милиони прегледи.

Додека некои теоретичари тврделе дека звукот потекнува од огромно, уште неоткриено морско суштество, експертите предложиле поинакво објаснување. Првата нивна реакција била дека бучавата звучела посилно од кое било копнено животно, што дополнително го поттикнало интересот.

- Користејќи хидрофони, односно подводни микрофони, поставени на длабочина поголема од 3.200 метри под површината на Тихиот Океан, снимивме серија звуци. Тоа е бучава каква што нашите научници досега немаа слушнато. Не само што звуците беа екстремно гласни, туку и имаа уникатни карактеристики - соопштија од Националната управа за океани.

Поминаа девет години пред Националната управа за океани конечно да излезе со објаснување. Во 2006 година оттаму објавија дека „Блуп“ најверојатно бил предизвикан од природен „леден потрес“, звук настанат од пукање или уривање на големи санти мраз. Иако не се сигурни дали санта паднала на дното или се скршила, познато е дека вакви појави се чести во близина на Антарктикот и можат да создадат звуци кои наликуваат на биолошки извори.

Во 2012 година Националната управа за океани повторно го потврди своето уверување. Експертите истакнаа дека „Блуп“ бил во согласност со поместување на глечери и пукање на ледени брегови.

- Веруваме дека станува збор за звук од „леден потрес“. Тоа е момент кога голема санта мраз пука и се одвојува од антарктичкиот глечер. Поради глобалното затоплување, ваквите потреси се сè почести и редовно се регистрираат низ годината - објаснуваат научниците.

Иако науката има своја верзија на вистината, мистиката околу „Блуп“ продолжува да ја буди фантазијата кај многумина. Дали навистина станува збор за природен феномен или нешто повеќе? Одговорот можеби сè уште лежи во длабочините на океанот.



Извор: Jutarjni.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот